Покрај националниот ден на архивистите, кој Државниот архив го одбележува на 1 април секоја година, бидејќи на тој ден во 1951 година е формирана нашата архивска институција, на 9 јуни во целиот свет се прославува Меѓународниот ден на архивите.
Тоа е денот кога во Париз во 1948 година е основан Меѓународниот архивски совет (International Council on Archives – ICA), меѓународна невладина организација, посветена на унапредување и промовирањето на работење во архивите и заштита на светското архивско наследство. Оваа организација има околу 1400 членови од 199 држави и територии и остварува блиска соработка со Советот на Европа, УНЕСКО и многу други организации.
На Меѓународниот ден на архивите, архивистите од целиот свет се обединуваат во промовирањето на значењето и достигнувањата во нивната професија, со цел да се подигне свеста за архивите и нивното значење, како и да се промовира заштитата на архивскиот материјал и достапноста до истиот.
Потребата од одбележувањето на еден ваков ден е од таму што претставата за архивите во јавноста треба да биде исклучително јасна и тие не треба да бидат заменувани со другите сродни институции, како што честопати се случува, а архивските материјали не треба да се перцепираат како документи за интерна употреба или документи кои се тешко достапни и се од интерес само за историчарите.
Меѓународниот архивски совет верува дека со одбележувањето на овој ден се подобрува перцепцијата што општата јавност ја има за архивите.
Со текот на времето сме сведоци за тоа како Меѓународниот архивски ден прераснува во Меѓународна архивска недела, па така е и оваа година кога Меѓународниот архивски совет и архивите низ цел свет го одбележуваат овој ден. Оваа година поради пандемијата од вирусот COVID-19 тоа се случува на еден поинаков начин, со организирање на повеќе семинари и работилници преку интернет на кои ќе присуствуваат и претставници од Државниот архив.
Еден таков настан е и настанот организиран од страна на огранокот на Меѓународниот центар за архивско истражување од Хрватска (ICARUS Croatia), на кој ќе биде претставена книгата „Архивите и дигиталното време“, а ќе биде организирано и советување на тема „Архивите и научното друштво“, каде што научниците и професионалците од различни профили ќе го промовираат значењето на архивите за одржливиот развој и управувањето со информациите, општеството, образованието, развојот на демократијата и информатиката. На ова советување ќе учествуваат и претставници на Државниот архив, како и директорот, д-р Емил Крстески.
Генерално, овогодинешниот Меѓународен архивски ден (9 јуни) и Меѓународната архивска недела (8-14 јуни) се посветени на зајакнување на науката, со една глобална тема „Empowering knowledge societes“, која вклучува теми како што се вештачката интелигенција, дигиталната заштита и новите технологии, доверливоста на информациите и други сродни прашања и нивното влијание н архивската професија и практика.