Државниот архив ги објави „Османлиските документи за историјата на Македонија, пописи од XIX век, Скопски Санџак, Каза Скопје, 1832/33“, книга 1, дел 1, од авторите: доц. д-р Аднан Шериф, проф. д-р Музафер Бислими и м-р Ирфете Ибраими.
Во овој дел на дефтерот станува збор за попис на население од исламска вероисповед на маалата во Скопје – вкупно 41 маало, селата кои се наоѓаат во ракавот на Чаир – вкупно 19 села, селата на ракавот на Кара Даг (Скопска Црна Гора) – вкупно 9 села, селата на ракавот на Каршијака – вкупно 37 села, селата на ракавот на Дербенд – вкупно 8 села и маалата – племињата во самиот град на Качаник како и селата од Качаничката Нахија – вкупно 21 село на Казата Скопје во првата половина на XIX век (1832/33).
Имајќи предвид дека овој попис претставува прв современ попис спроведен воопшто на територијата на османлиската држава во нејзината историја, слободно може да се процени како еден одличен приказ за точниот број на исламско население од машка популација во таа каза на наведениот санџак.
Со овој извршен попис на население по верска припадност од страна на османлиската држава, целта била јасна: да се има постојана контрола и рамка за преглед на општиот потенцијал на исламското население при неопходната воена регрутација како и за потенцијалот на неисламското население при собирање посебен вид воен данок. Истовремено овие современи дефтери општо служеле и како евиденција на државата за општата состојба на населението, еквивалентно на денешните матични книги.
Изданието содржи податоци за седум-осум генерации наназад, а тоа претставува големо олеснување за денешното население за попрецизно составување на семејните стебла.
Ова издание е објавено двојазично, на македонски и на албански јазик.
Скопје, февруари 2021 г.