Државниот архив на Република Северна Македонија по повод 70-годишнината од своето постоење ја објави монографијата со наслов „Печат на времето – 70 години Државен архив (1951-2021)“ Јубилејното издание посветено на 70-годишнината од основањето и работата на Државниот архив на Република Северна Македонија е избор на најзначајните, најстарите и најспецифичните документи, меѓународни договори, фотографии од изложби, постери, советувања и работни посети, благодарници и признанија, извадоци од дневниот печат за Државниот архив, што се наоѓаат во депоата на Државниот архив и на неговите одделенија, како и историски осврт на архивистичката работа изминативе 70 години.
Монографијата претставува приказ на неисцрпните податоци за македонската историја, традиција и култура што се наоѓаат во овој трезор. Во текот на изминатите години е очигледен постојаниот растеж на Државниот архив, кој добива свој европски лик со прифаќање на европските начела и прописи што се однесуваат на архивистиката и кои се вметнати во новиот Закон за архивска дејност како и спроведување на процесот на дигитализација на историските документи и материјали.
Основната цел на објавувањето на монографијата е да се информира пошироката јавност и да се збогати претставата за големото национално значење на документарното богатство што се чува и се користи во Државниот архив. Преку оваа Монографија граѓаните ќе можат да се запознаат со активностите на Државниот архив, како и дел од богатата ризница на значајни документи со кои располага. Монографијата е промовирана на 1 април 2021 година по повод 70-годишнината од основањето на Архивот.