Советување во организација на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, а во соработка со Државниот архив – Одделение Велес
На 6.7.2021 г. во организација на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ и во соработка со Државниот архив се одржа советување на тема „Архивирање предмети“. Советувањето се реализираше преку веб-платформата на Академијата (online).
Обуката беше наменета за судските службеници кои работат во судските писарници и судските архиви во судовите низ земјата, а зедоа учество 44 судски службеници од: основните судови, апелациските судови, Управниот суд и Вишиот управен суд.
Темата „Архивирање предмети“ беше обработена во две посебни презентации, едната од претставник на судовите преку Сузана Варналиева – судски администратор во Основен суд Велес, а во име на Државниот архив презентираше Цветанчо Тодоровски, помлад соработник од Државен архив на РСМ – Одделение Велес.
На советувањето учесниците се запознаа со Државниот архив како институција, неговото основање, дејност и со законската регулатива која го регулира целокупното архивско работење во државата со акцент на правата и должностите на Државниот архив и судовите како создавачи / иматели на јавен архивски материјал.
На учесниците подетално им беа претставени неколку сегменти од архивското работење:
- Изработка и примена на План на архивски знаци, Листа на архивски материјал и Листа на документарен материјал со рокови на негово чување
- Одбирање и евидентирање на архивскиот материјал
- Издвојување на документарниот материјал за уништување и постапка за добивање согласност од Државниот архив
- Предавање на архивскиот материјал од страна на судовите во Државен архив на трајно чување.
Посебен интерес и дискусија кај учесниците предизвика делот за изработка и примена на унифицирани/единствени План на архивски знаци, Листа на архивски материјал и Листа на документарен материјал со рокови на негово чување, во архивското работење кај судовите, секој според нивните надлежности, уште повеќе што таков единствен План и Листи веќе е во примена од 2019 г. во основните судови во Велес, Кавадарци, Неготино и Гевгелија.
Од советувањето произлегоа следните заклучоци:
- За да се обезбеди тековно и квалитетно чување, обработка и трајна заштита на архивскиот материјал во судовите, соработката Државен архив – судови, треба да биде на завидно ниво
- Усогласување на делот за архивирање од Судскиот деловник со Законот за архивски материјал и неговите подзаконски акти
- Судовите да се трудат да обезбедат што поквалитетни услови, простории / судски архиви, каде што архивскиот материјал ќе биде заштитен според закон, сѐ до негово предавање во Државниот архив на трајно чување.
Државниот архив и понатаму ќе продолжи да го следи архивското работење на јавните иматели, овозможувајќи стручна помош со цел трајна заштита на јавниот архивски материјал и подигнување на свеста за негово чување, обработка и предавање во неговите депоа.