Во рамките на Саемот на книгата во Скопје денеска беше промовирана книгата ,,Првите луѓе на Државниот архив (1951 – 2021)” од проф. д-р Марјан Димитријевски. Промотор на ова издание на Државниот архив, што е објавено по повод јубилејот – 70 години од институционалното создавање на Архивот, беше д-р Марјан Иваноски. ,,Државниот архив како чувар на историското богатство на македонскиот народ е институција од витално значење за државата која секогаш е на радарот на научни и стручни лица од земјава и странство, амбасадори, дипломати и други истражувачи. Преку трудот што денеска е предмет на промоција, научната и стручна фела детално може да се запознаат со корените на Архивот, нејзините втемелувачи, развојот и надградувањето. Секој директор има своја заслуга во унапредувањето на архивската дејност во државата. Оваа книга не ги содржи само биографиите на 13-те досегашни директори на Државниот архив, туку е и трајно сведоштво за првите позначајни чекори и за развојот на архивската дејност во нашата земја” – подвлече, меѓу другото, промоторот д-р Иваноски. Целиот говор на промотор е во продолжение.
„Да се пишува монографија по повод јубилеј на установа како што е Државниот архив само по себе е предизвик. Предизвик затоа што се однесува за институција од државничко значење, институција која е чувар на историското богатство на државата, институција каде што може да се најдат корените на Македонија и македонскиот народ. Оваа нималку лесна задача е доверена на еден од најплодотворните македонски историчари проф. д-р Марјан Димитријевски. Уште кога бев исконтактиран за промоцијата на овој труд, иако сè уште ја немав книгата во раце, знаев дека ќе уживам во времепловот на архивот затоа што произлегува од перото на авторот кој има привлечен стил на пишување како за научно-стручната фела така и за обичниот читател вљубеник во пишаниот збор. Проф. д-р Марјан Димитријевски речиси целиот свој работен век го помина во Институтот за национална историја, а од скоро замина во пензија. Но, иако е пензиониран од работниот однос, професор Димитријевски не е пензиониран од науката. Научната јавност сè уште се надева и очекува од него нови трудови, нови расветлувања на теми од пребогатото македонско минато кои се значајни или, за жал, подзаборавени. Mудростa, знаењето со сè уште свежиот елан за нови научни предизвици се главните карактеристики на професорот Димитријевски, а што е многу важно за помладите историчари, професорот ги поседува и едни од најблагородните карактеристики како што се отвореноста за комуникација и несебичноста во споделувањето на знаењето. Затоа не е случајно што професорот Димитријевски е еден од најчесто избираните ментори за магистерски и докторски студии во Институтот за национална историја од страна на кандидатите.
Преку трудот што денеска е предмет на промоција, научната и стручна фела детално може да се запознаат со корените на Архивот, нејзините втемелувачи, развојот и надградувањето. Следејќи го институционалниот раст на Архивот, авторот хронолошки го почнува трудот со меѓувоениот период, поточно со 1926 година, кога била основана Државната архива во Скопје како филијала на Државната архива на Србија-Белград. За управник на Архивата бил поставен проф. Делимир Лазаревиќ. Државната архива функционирала сè до почетокот на Втората светска војна, односно 1941 година. Потоа по завршувањето на Втората светска војна и формирањето на македонската држава се јавила потребата од возобновување на работата на Државната архива во Скопје, ќе констатира авторот. Првите повоени години за прибирањето на архивската граѓа бил задолжен Историскиот отсек при Главниот штаб на југословенската армија за Македонија. Почетоците биле скромни, но многу значајни за архивската дејност во Македонија. Така во 1946 година била формирана тричлена комисија за собирање архивска граѓа, а во 1947 година била донесена Уредба за библиотекарско-архивска струка. Кога во 1951 година бил донесен закон за државните архиви, настапил нов период на институционализирање на архивската дејност, ќе констатира проф. д-р Димитријевски. Архивот, именуван како Државна архива ја започнал својата работа на 1 април 1951 година и бил привремено сместен во зградата на Претседателството на Владата на НР Македонија. Понатаму во трудот, авторот хронолошки ни го презентира директорувањето на 13-те директори. За секој директор се дадени био-библиографски податоци, нивната архивска дејност и придонес во развојот на македонската современа архивистика, со детална презентација на неговиот профил и придонес според кои тој е препознатлив и оставил траг за време на своето директорување во Државниот архив. Раководителите и архивистите во седумдеценискиот период на Архивот, авторот го дели на три генерации: Првата генерација е посветена на изградба на архивски згради, архивистички кадар, собирање и заштита на граѓата, а тоа се првиот директор Тодор Талески (1951 – 1960) и вториот директор Димче Стојанов-Мире (1961 – 1978). Првиот директор Тодор Талески бил основоположник на денешниот Државен архив, втемелувач на институционалниот развој на националната архивистика и архивска мрежа во Македонија, ќе заклучи проф. д-р Димитријевски. Додека вториот директор Димче Мире во речиси дводеценискиот мандат буквално се вложил себеси во развојот на македонската современа архивистичка служба и со право се смета за еден од создавачите на архивската дејност препознатлив и надвор од Македонија. Во негово време биле донесени многубројни акти кои ја регулирале и осовременувале архивската дејност. Тој бил најзаслужен за кадровско усовршување и проширување на архивската мрежа, а најпрепознатлив ќе остане по иницијативата за изградба на нова зграда на Архивот. Неговиот државотворен придонес бил инспирација за проф. д-р Димитријевски, кој во 2020 година ја објави монографијата за него и со право професорот Димитријевски се смета за еден од најдобрите познавачи на ликот и делото на Димче Мире.
Втората генерација директори Александар Алексиев (1978 – 1987), Благој Михов (1987 – 1990) и Борислав Наумовски (1990 – 1992) даваат придонес во изградбата на архивското законодавство, единствената стручна методологија и меѓународна соработка на Архивот.
Додека третата генерација директори од 1992 до денес е посветена на електронска обработка, дигитализација на архивската граѓа и примена на светските архивистички достигања. Тука спаѓаат проф. д-р Симо Младеновски, д-р Киро Дојчиноски, проф. д-р Зоран Тодоровски, проф. д-р Атанас Вангелов, м-р Сашо Јанкуловски, проф. д-р Филип Петровски, Кирил Петров и актуелниот директор д-р Емил Крстески.
Секој директор има своја заслуга во унапредувањето на архивската дејност во Македонија. Иако, во зависност од времетраењето на нивниот мандат, на некој е отстапен поголем, а на друг помал простор, авторот се потрудил за сите да ги извлече суштинските елементи од нивното директорување, и со тоа читателот може за секој директор да ги дознае архивските достигнувања. Податлива, информативна и корисна би ја оценил монографијата Првите луѓе на Државниот архив и како таква ќе претставува неодминлива за секој оној што се интересира да дознае повеќе за Државниот архив и за архивската дејност во Република Македонија.
Државниот архив како чувар на историското богатство на македонскиот народ е институција од витално значење за државата која секогаш е на радарот на научни и стручни лица од земјава и странство, амбасадори, дипломати и други истражувачи. Па ќе земам за слобода и право да сугерирам до надлежните во Државниот архив, што поскоро да се заземат за преведување на ова издание на еден од светските јазици.
На крајот би сакал да им го честитам јубелијот на Државниот архив и сите архивски работници и да им изразам благодарност затоа што се вистински сервис за нас истражувачите. За да бидат плодотворни историчарите потребна е архивска граѓа, основна алатка без која нема наука. Архивските работници секојдневно се вложуваат себеси во собирањето и заштитата на архивската документација. Тоа е цел систем што функционира без престан, а невидлив за очите на посетителите истражувачи. Што значи без Архивот нема историја, а без историја нема иднина.“