Меѓународниот архивски совет (International Council on Archives – ICA) на 20 октомври 2021 година, на повик на неговиот претседател, г-дин Дејвид Фрикер, одржа редовно и вонредно Генерално собрание за 2021 година.
И оваа година, како и минатата, Генералното собрание беше организирано онлајн.
Меѓународниот архивски совет има околу 1400 членови, од повеќе од 190 држави во светот, а Државниот архив на Република Северна Македонија е негов член од 1992 година. Работата на Меѓународниот архивски совет се темели на принципите на транспарентност, демократија, одговорност и независност од политичките процеси и влијанија, а неговата мисија е да ја унапреди заштитата, користењето и достапностас на архивските документи во целиот свет.
На Генералното собрание, заедно со уште стотина други учесници, пред се директори на национални архиви и претставници од други архивски организации, учествуваше д-р Емил Крстески, директор на Државниот архив, како и Светлана Успрцова, раководител на сектор за истражување, меѓународна и домашна соработка и публикување на архивски материјал.
Учесниците на Генералното собрание ги поздрави г-дин Дејвид Фрикер, претседател на Меѓународниот архивски совет и директор на Националниот архив на Австралија, како и генералниот секретар, г-ѓа Антеа Селес, а понатаму се обратија и програмските координатори кои ги претставија годишните извештаи.
На Генералното собрание беше усвоен записникот од Генералното собрание од претходната година, беа одобрени новоизбраните одбори и секции, беше укината секцијата за нотарски архиви, беа презентирани финансискиот извештај за 2020 година, како и финансискиот извештај за тековната година, заедно со табелата за членарини за 2022 година, а беа разгледани и усвоени одредени амандмани кон Статутот на Меѓународниот архивски совет, кои се однесуваат на одредени структурни реформи и поголемо инволвирање на членството.
При усвојувањето на записниците, извештаите и амандманите беше користена виртуелна платформа за гласање.