Директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески, на 3 ноември 2021 година оствари средба со амбасадорот на Република Италија, Н.Е. Г-дин Андреа Силвестри. Повод за оваа средба е неодамна потпишаниот Договор за соработка со Генералната дирекција на Државните архиви на Република Италија, кој се однесува на соработката меѓу архивите од двете држави во областа на заштитата, истражувањето и размената на архивски материјал од интерес на двете страни, како и на можноста за соработка на заеднички проекти (изложби, зборници на документи и сл.) и размена на искуства од областа на конзервацијата и дигитализацијата на архивскиот материјал.
На средбата, амбасадорот Силвестри го искажа своето задоволство поради тоа што е остварена оваа соработка и го информираше д-р Емил Крстески за можноста за остварување на соработка во рамките на одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Република Северна Македонија и Република Италија.
Д-р Емил Крстески на амбасадорот му даде копија од договорот за соработка помеѓу Државниот архив на Република Северна Македонија и Генералната дирекција на државните архиви во Република Италија и го информираше амбасадорот за конкретни предлози за реализација на овој договор во иднина, што ќе подразбира размена на истражувачи и размена на дигитализирани копии од архивски материјал кои се однесуваат на историјата на двете држави.