Претставници од Државниот архив, заедно со уште стотина други архивисти од цел свет учествуваа на 31. Конференција „Меѓународен архивски ден“, која што се одржа на 29 и 30 ноември 2021 година со помош на виртуелната платформа Zoom. Државниот архив на конференцијата беше претставуван од директорот, д-р Емил Крстески и Светлана Успрцова, раководител на Сектор за истражување, меѓународна и домашна соработка и публикување на архивски материјал. Конференцијата ја организираа Меѓународниот институт за архивистика од Трст и Марибор (International Institute for Archival Science of Trieste and Maribor – IIAS), Државниот архив во Трст, Словенечката истражувачка агенција и Катедрата за архивистика при универзитетот Alma Mater Europeana.
Учесниците на конференцијата беа претставници од дваесетина држави (Словенија, Италија, Хрватска, Малта, Русија, Индија, Финска, Полска, Словачка, Босна и Херцеговина, Оман, Република Чешка, Романија, Белорусија, Австрија, Казахстан, Германија, Република Србија, Украина, Шпанија и Република Северна Македонија). На отворањето на 31. Конференција се обратија: д-р Петер Павел Класинц, директор на Меѓународниот институт за архивистика од Трст и Марибор и одговорен на Катедрата за архивистика на Alma Mater Europeana; г-ѓа Џулијана Барера, претседател на Советот на членовите на Меѓународниот институт за архивистика и претставник од Генералниот директорат на архивите при Министерството за културни добра и активности во Италија; г-ѓа Грација Тату, заменик директор на Меѓународниот институт за архивистика и директор на Есенското училиште за архивистика; г. Дитер Шленкер, директор на Историските архиви на Европската Унија во Фиренца; д-р Чарлс Фаруџа, директор на Националниот архив на Малта и претседател на Европскиот огранок на Меѓународниот архивски совет; г. Лудвик Топлак, претседател на Alma Mater Europeana – Европски центар во Марибор; д-р Бојан Цвелфар, директор на Архивот на Република Словенија; г. Матеј Мужениќ, претседател на Здружението на архивисти на Словенија, г. Михаил Ларин, професор на Универзитетот за хуманистички науки во Москва, Русија и г. Станислав Рашчан, државен секретар, одговорен за развојна соработка при Министерството за надворешни работи на Република Словенија.
Рефератите што беа презентирани се осврнаа на предизвиците при менаџирањето со дигиталните документи (digitaly born records), потребата од се поголема онлајн достапност на архивите и потребата од подготвувањето на архивите за новата генерација на истражувачи преку создавање на нови образовни програми и методологии и користење на информатичката технологија како алатка за интеракција помеѓу архивите и корисниците, а социјалните медиуми како “виртуелна врата’ кон архивите која ќе го гради нивниот современ имиџ. На 29 ноември, во рамките на Конференцијата се одржа и 37. Генерално собрание на Меѓународниот институт за архивистика, каде се разговараше за прием на нови членови во Советот на Институтот, а во периодот од 29 ноември до 4 декември 2021 година, како дел од Конференцијата посветен на младите архивисти, се одржува 15. Есенско училиште за архивистика, организирано од Меѓународниот институт за архивистика од Трст и Марибор и Државниот архив во Трст. Сите реферати, презентирани на конференцијата ќе бидат објавени во „Атланти“, списание на Меѓународниот институт за архивистика од Трст и Марибор, кое што се објавува континуирано од 1991 година.
Електронската верзија од ова списание се наоѓа на http://www.iias-trieste-maribor.eu, а статиите во него се напишани на англиски, италијански и словенечки јазик.