Државниот архив – Одделение Прилеп денеска одбележува 66 години од своето постоење. Ова е ден кога се направија првите значајни чекори во однос на нашето минато, на нашата историја и култура. Со создавањето на Архивот во Прилеп, всушност, започна и институционалното создавање на трезорот со документи и материјали што се однесуваат на нашата историја, култура и традиција.
Досега, при работата на Архивот во Прилеп се постигнати значајни резултати и се воспоставени солидни професионални односи со речиси сите општествени институции, а вредно и посветено се работи и со приватните иматели. Минатата година се одбележа и мал јубилеј кога, меѓу другото, е објавена и монографијата ,,65 години Архив во Прилеп (1955 – 1920)”, а по тој повод се организираа и повеќе презентации, предавања и изложби.
Како посебно значаен настан поврзан со работата на Архивот во Прилеп и со нашата историја може да се издвои годинашното публикување на брошурата: „ДОКУМЕНТИ ЗА ПРИЛЕП И КРУШЕВО ОД ИЛИНДЕНСКИОТ ПЕРИОД” како и видеопрезентацијата за илинденскиот период, со кои започна манифестацијата ,,10 ДЕНА КРУШЕВСКА РЕПУБЛИКА”. По повод одбележувањето 66 години од постоењето на Архивот во Прилеп се планираат и се подготвуваат повеќе активности и тоа:
– Збогатување на документацијата во Архивот во Прилеп со значајни документи и материјали од приватни фондови, кои сведочат за нашата историја и идентитет како и архивирање на дела и документи од наши истакнати културни, уметнички и научни личности и други дејци што оставиле трага во севкупниот развој на Прилеп и на околината. Исто така, во подготовка се и неколку интересни изложби со кои ќе се афирмираат повеќе оригинални документи од нашата историја, култура и традиција, што сведочат за развојот на македонскиот идентитет.
За сите настани во Архивот во Прилеп се очекува отворена и корисна соработка со медиумите, со цел нашата јавност да се запознае со тие настани поврзани со нашето минато.