Arhivist_2021

Нов број на списанието „Македонски архивист”

Во новиот двоброј на списанието „Македонски архивист” (број 29-30, 2021), што го публикува Државниот архив, се објавени актуелни, стручни и научно-историски написи, кои го привлекуваат вниманието на читателската публика. За 70-годишниот јубилеј на Државниот архив, кој се одбележа на 1 април 2021 година, во списанието е пренесено обраќањето на покровителот на настанот, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, со наслов „Темел на идентитетот”. Директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески, го истакнува значењето на Архивот за државата и науката во своето обраќање насловено како „Чувар на нашето минато – светилник за нашата иднина”.

                Авторите на монографијата „Печат на времето – 70 години Државен архив (1951 – 2021)”, д-р Бранислав Светозаревиќ и д-р Јасмина Дамјановска, посветија два текста за создавањето на ова вредно дело кое го проследува историјатот на Архивот од неговото создавање до денес. Татјана Сапунџиоска-Алексоска во текстот „Суштински извор на историјата” претставува дел од богатата историја на градот Скопје, која беше промовирана преку изложбата „Скопска градска општина”, поставена во ноември минатата година.

Arhivist 2021

Редакцискиот одбор на списанието „Македонски архивист” со задоволство даде простор на долгогодишни архивски професионалци, како Ацо Анѓеловски, кој пишува за процесот на предавање на архивскиот материјал, потоа Славица Николовска, која објави статија за Македонскиот архивски интегриран информациски систем – од идеја до реализација. Елисавета Марковиќ успешно ги презентираше Методите за превентивна заштита на архивски материјал и фондови од биолошки агенси, статија која е исклучително полезна за архивистите кои работат во депоата. Ребека Бајдевска- Ѓошевска на читателите им го претставува фондот „Државна болница-Велес (1922 – 1944)”, додека пак Јасмина Дамјановска ја обработува работата на архивското средиште во Титов Велес (1952 – 1953), извештај на првиот раководител Петар Стојановски. М-р Љупка Тодоровска на читателите им го претстави изданието „Хроники на селата во Леринско” том 2, книга 1, од авторите д-р Катерина Мирчевска, д-р Љубица Јанчева и д-р Димитар Љоровски.

                Квалитетот и значењето на ова стручно списание се потврдува со тоа што во него објавуваат статии стручни лица од странски архиви. Таков е примерот со статиите „Москва – со грижа за историјата” на Марија Музалевскаја, статијата на Михаил Николаевич Бутирскиј и Павел Лукин Евгеневич за патувањето на историчарот  П. Н. Миљуков во Македонија во почетокот на XX век. Од соседна Република Бугарија,  д-р Росица Анѓелова објави статија во „Македонски архивист” поврзана со Првата светска војна, која се водела на територијата на Македонија. Доц. д-р Елвис Орбаниќ нѐ запознава со книгата на Влатка Лемиќ „Архивите и дигиталното време”, издадена во Загреб.

                Реномираните историчари од нашата држава секогаш ја зголемуваат вредноста на списанието со своите темелни истражувања кои ги изнесуваат во статиите. Во овој двоброј ја имавме честа да објави статија д-р Драгица Поповска за активностите на Сојузот на здруженија на борците од НОБ. Д-р Сашо Додевски се осврна на дипломатската историја низ документите за југословенско-суданските односи и македонските кадри. Д-р Борче Илиевски даде приказ на делото „Османлиски документи за историјата на Македонија – пописи од XIX  век, Скопски Санџак, Каза Скопје (1832/33), издание на Државниот архив.

                Истакнатиот истражувач Благој Зашов пишува за Историјата на Македонија и Крушево за периодот 1901 – 1903 врз основа на неговите истражувања во романските архиви. Од минатата година, списанието „Македонски архивист” се доставува до скопските средни училишта – гимназии како учебно помагало за учениците да се запознаат со архивистиката и темите од историјата на Македонија. Новиот број на „Македонски архивист” може да се набави во Државниот архив.

Најнови објави