Неодамна д-р Бранислав Светозаревиќ, вработен во Државниот архив, го објави трудот „Македонци ‒ милениумски сведоштва за идентитетското име“, кое претставува комбинација на зборник и студија. Во него се содржат извори во кои се споменува етнонимот Македонци за жителите и за народот што живееле на историко-географската територија Македонија. Оттука произлегува и предметот на истражување на ова значајно дело, а тоа е историски заснованото име на современите Македонци. Студијата „Македонци ‒ милениумски сведоштва за идентитетското име“ го опфаќа проучувањето на феномените поврзани со името како идентитетска ознака на посебен народ (како етничка група) и посебна нација (во модерна смисла на зборот).

Покрај другото, студијата на д-р Бранислав Светозаревиќ дава одговор на прашањето како опстојувало името „Македонци“ низ вековите, од антиката до денес, и како ги одбележувало населението, народот или нацијата што го носеле, главно, во три форми на самосвесна именска идентификација: територијална, народносна и национална.
Во подготовката на овој труд, авторот ја истражувал обемната архивска документација во Државниот архив, при што голем дел од достапните документи се дел од неговата содржина.