Државниот архив во своите приоритети го има зајакнувањето на соработката со институции од државата во делот на научната, истражувачката и образовната дејност. Поаѓајки од наведените заложби, денес беше потпишан Протокол за соработка меѓу директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески и директорот на НУ Музеј на македонската борба, г-ѓа Даниела Николова.
Двете институции согласно Протоколот ќе ја прошируваат соработката преку реализирање на заеднички програми и проекти од културата, науката и образованието, организирање семинари, конференции, советувања и изложби. Издавањето на заеднички публикации се предвидува како новина во интерес на проучувањето на македонската национална историја.
Библиотеките во Државниот архив и Музејот на македонската борба ќе бидат целосно достапни на вработените за истражувачки цели при што се предвидува и размена на книги. Во сферата на заедничкиот интерес спаѓа и обезбедувањето на просторни услови и техничка поддршка. Со потпишаниот Протокол, како што потврдија директорите потписници, се остварува заедничката мисија и визија за развој на меѓуинституционалната соработка.