1

ИКАРУС промовира онлајн-платформа за архивите

ИКАРУС (International centre for archival research – ICARUS) на 22 февруари 2022 година организира онлајн-состанок, ICARUS Jour Fixe #3 за членови и архивски професионалци – надворешни лица. Државниот архив беше претставен со Светлана Успрцова, раководител на Секторот за истражување, меѓународна и домашна соработка и публикување архивски материјал, и со м-р Марјан Гијовски, раководител на Одделението за истражување, меѓународна и домашна соработка. Главна тема на состанокот беше разгледување на реализираните активности на ИКАРУС во изминатиот период, а беа презентирани и проектите кои претстојат. На состанокот беа споделени искуства за проектот „Топотека“, замислен како онлајн-платформа која го промовира архивскиот материјал од приватните иматели и се однесува на различни сегменти на општествениот живот од минатото. „Топотека“ го прави историското наследство лесно достапно и видливо за јавноста. Државниот архив прави подготовки за вклучување во овој проект со што ќе се вбројува меѓу европските архиви кои изнаоѓаат напредни форми за зачувување на историјата.

1

Присутните дискутираа и за Конвенцијата на ИКАРУС која треба да се одржи во мај 2022, во Париз, на тема: „Приватни и јавни архиви во 21 век“ со поддршка на француското Министерство за култура и Националниот архив на Франција. Отворените состаноци се дел од политиката за транспарентост на ИКАРУС и вклучување на што повеќе архивски професионалци од Европа вклучително и од нашата држава за размена на идеи и искуства. Државниот архив настојува да ги следи сите иницијативи на архивите на регионално и европско ниво со учество на вработени од институцијата, на состаноци организирани од меѓународни архивски институции.

Најнови објави