277442116_284291617195748_5163761435754608917_n-1

71 ГОДИНА ДРЖАВЕН АРХИВ

На 1 април 2022 година, Државниот архив одбележува 71 година од своето формирање.

Чинот на основање на Државниот архив претставува еден од најзначајните настани во нашата понова историја, а Архивот за нашата држава и нашиот народ претставува изворно сведоштво за државното постоење и континуитет, како и за нашиот идентитет.

По војната во 1945 година, се создаваат услови за основање низа државни и национални институции, меѓу кои е и архивската служба на државата. Во прво време улогата на архиви ја имале Музејот на Македонија, Архивот при ЦК на КПМ, ИНИ и архивските средишта при народните одбори. На 23 јануари 1950 година е донесен првиот Општ закон за државните архиви во Југославија, а потоа, на 6 јануари 1951 година, Народното собрание на НР Македонија го донесе Законот за државни архиви. Во 1951 година, врз основа на Законот за државните архиви на НРМ, на 1 април е формиран Државниот архив на НРМ (од 1965 година го носи името Архив на Македонија, од 2000 година – Државен архив на Република Македонија, а од 2019 година  Државен архив на Република Северна Македонија). Затоа го одбележуваме 1 април како ден на архивите и архивистите во државава.

Во периодот 1951-1962 година е комплетирана мрежата на околиски архиви во Скопје, Охрид, Битола, Прилеп, Куманово, Велес, Штип, Струмица и Тетово. Во периодот 1965-1990 тие дејствуваат како меѓуопштински архиви, под името историски архиви. Од 1990 година до денес тие се подрачни одделенија во составот на Државниот архив како единствена управна организација.

Државниот архив успешно се справуваше со многубројните објективни проблеми со кои се соочуваше во прво време (немање простор за депоа, несреденост на фондовите кај имателите, отсуство на стручен кадар, неразвиена методологија итн.) и ги следеше и соодветно реагираше на општествените промени во периодот на постоење на самостојна и независна Република Македонија.

Државниот архив денес e современа архивска институција со статус и ингеренции на државен орган со вкупно 238 вработени. Тој претставува почетна дестинација од која се тргнува во проучувањето на генезата и историскиот развој на македонската нација, македонскиот јазик, историја и култура и во нивната афирмација на меѓународен план. Во Државниот архив се чуваат 7.769 архивски фондови, околу 70.000 архивски книги, 382 збирки, мноштво на микрофилмуван архивски материјал, а интензивно се работи и врз дигитализација на приоритетните историски фондови. Најстариот документ што се чува во Архивот потекнува од 12 век – Евангелието на св. апостол Лука.

Низ годините се донесени неколку архивски закони и многубројни уредби и упатства со кои се регулира канцелариското и архивското работење на имателите и работата во Државниот архив. Развиена е методологијата на стручната работа кај имателите и во Архивот. Како резултат на работењето на Секторот за инспекциски и стручен надзор и помош кај имателите, во Архивот сè повеќе се прима одбран и среден архивски материјал со описи и пописи. Средени и обработени се многубројни фондови и збирки, за нив се изработени научно-информативни средства кои се внесени во АОП-базите и може лесно да се пребаруваат и користат од научните истражувачи и граѓаните во државата. Државниот архив разви богата меѓународна и билатерална активност и оствари многубројни архивски истражувања во странски архиви. Како резултат на развиената меѓународна соработка со многу архивски институции надвор од државата, потпишани се над 30 билатерални договори. Државниот архив има развиена издавачка дејност, која брои над 400 монографски изданија, зборници на документи и други видови на публикации. Во насока на модернизација и следење на технологиите, Државниот архив ги следи трендовите и секогаш одговара на потребите и барањата на своите вработени. За таа цел на барање на Државниот архив, а врз основ на договорот со Државниот завод за статистика од 17 февруари 2022 година за трајно користење на движни ствари, Архивот доби на подарок 130 компјутери, кои беа распределени на вработените во централниот дел и подрачните одделенија, со што комплетно се задоволија потребите од компјутерска технологија.

  Државниот архив во изминатите 71 година со имплементација на меѓународните и европските стандарди од областа на архивистиката, успеа да се изгради како модерна и значајна државна институција, која претставува  национален трезор на оригинални архивски документи, фотографии и други материјали од познати македонски револуционери, просветители, уметници, општествени дејци, како и документи од најзначајните политичко-историски процеси, настани и личности за нашата земја. Со програмската ориентација успева да одговори на современите општествени потреби и научни дострели како и на многубројни барања на институциите и граѓаните на македонската самостојна и суверена држава. 

Нека ни е честит 1 април, денот на Државниот архив и архивистите во државата.

2 1 1
emil 4
6 1
9

Најнови објави

Учество на состанок на Редакцискиот одбор на списанието на Историскиот архив на Пожаревац и работен состанок со потпретседателката на Меѓународниот центар за архивско истражување (ICARUS)

На покана на д-р Јасмина Николиќ, директор на Историскиот архив на Пожаревац и уредник на

Дознај повеќе...

ОБЈАВЕНА Е ВТОРАТА КНИГА ОД ВТОРИОТ ТОМ ОД „ОСМАНЛИСКИ ДОКУМЕНТИ ЗА ИСТОРИЈАТА НА МАКЕДОНИЈА – ПОПИСИ ОД ХIX ВЕК (1832-1833) СКОПСКИ САНЏАК, СКОПСКА КАЗА“ ОД АВТОРОТ  Д-Р АДНАН ШЕРИФ

Објавена е петтата книга, всушност втора книга од вториот том од серијата ,,Османлиски документи за

Дознај повеќе...