Зборникот документи „Скопската партиска организација на ПК за КПЈ/КПМ (1941 – 1944)“, избор, предговор, вовед, редакција и превод на д-р Љубица Јанчева, д-р Катерина Мирчевска, д-р Димитар Љоровски, претставува историски извор за Народноослободителната борба во Македонија и историјата на Комунистичката партија на Македонија. Документите во зборникот се необјавен изворен архивски материјал за реконструкцијата и за активноста на партиската организација на ПК на КПЈ за Македонија/КПМ за градот Скопје и Скопската Област во периодот на Антифашистичката и народноослободителната војна во Македонија.

Зборникот документи се состои од две книги. Првата книга содржи фактографски материјал од 248 документи, материјали, изјави, сегменти од биографии и документи, односно сеќавања и изјави на директни учесници и сведоци за поединечни настани и личности поврзани со активноста на Комунистичката партија. Со мноштвото подробни податоци во ова издание се отвора можност за нови согледувања на поширокото учество не само на партиското членство туку и на другите жители на Скопје и Скопската Област во Антифашистичката и националноослободителна борба во периодот на НОБ.