„Не врне ли дожд од Бога еднакво за сите? А Сонцето не грее ли исто така за сите? Зарем не дишиме воздух сите еднакво? Па тогаш како не се срамите да признаете само три јазика, а сите други народи сакате да бидат слепи и глуви?“ – Константин Филозоф
Светите браќа Кирил и Методиј имаат посебно место во историјата на писменоста и културниот развој на сите словенски народи, поради тоа во многу држави тие денес имаат заслужено место во колективната меморија на народите. Придонесот на светите Кирил и Методиј е цивилизациски затоа што на тогашните жители на овие простори им дале азбука и им го доближиле православното христијанство како државна религија во Византиската Империја на нивниот разбирлив јазик.
Двајцата светители потекнувале од видно солунско семејство при што Константин пред да стане монах во младоста имал можност да се запознае со највисоките достигнувања на науката, а неговиот брат Методиј ги завршил најпознатите школи во Константинопол и станал управник во струмичкиот крај.
По нивното замонашување, светите браќа од византискиот император бил пратени во мисија меѓу Хазарите, а потоа во мисија во Моравија за организирање на црквата, што претставувало нивен најголем подвиг. Овде, Кирил морал да состави азбука и да ги преведе неопходните црковни книги на словенски јазик. За составување на првата словенска азбука глаголицата, за првите преводи од грчки на словенски јазик на потребните црковни книги, Кирил го искористил јазикот на македонските Словени од Солун и околината. Светите браќа се стекнале со голема почит и во Рим при што папата ги пречекал со почести и дозволил во неколку цркви во Рим да се изврши богослужба на словенски јазик, со што го признал овој јазик за службен во црквата. Кирил починал во Рим во 869 година, а Методиј во 885 година и бил погребан во моравската престолнина Велеград. Наследството на светите Кирил и Методиј денес ги поврзува словенските народи на културен план, при што тие со пиетет го чуваат споменот за нив.
Државниот архив им го честита празникот 24 Мај – Денот на сесловенските просветители на сите граѓани во нашата држава.