Државниот архив реализираше неколку годишни научни истражувања во Генералната дирекција на архивите на Република Албанија од кои произлезе зборникот документи насловен како ,,Албански документи за историјата на Македонија, 1941 – 1944 година“, том 1, предговор, избор, превод, редакција и коментари: проф. д-р Музафер Бислими.Овој зборник содржи документи кои првпат се преведуваат на македонски и албански јазик, а се однесуваат на териториите на Македонија кои во наведениот период се наоѓале во составот на фашистичка Италија, односно Кралството Албанија. Овие територии административно влегувале под Префектурата Дебар, која пак биле составена од 5 потпрефектури – Река, Гостивар, Тетово, Кичево и Струга и 5 окрузи – Башкиа (Градски Општини) – Дебар, Тетово, Гостивар, Кичево и Струга. Документите кои се опфатени во овој том се од јануари 1942 до август 1944 година.
Поголемиот број од нив претставуваат извештаи, барања, наредби или преписки меѓу органите на власта почнувајќи од најмалата општина, окрузите, потпрефектурите, префектурите до министерствата и Советот на министрите (Владата на Кралството Албанија), но има и документи од разни барања на поединци кон локалните и централните органи. Посебно внимание привлекуваат преписките меѓу органите на власта во која во неколку случаи има конфликти или нетрпеливост меѓу разните носители на функциите во државната олигархија. Во други документи од преписките меѓу државните органи имаме разни извештаи за верската и националната структура и јазикот кој го зборуваат населението на Потпрефектурата Струга, со сите општини вкупно 13. Во зборникот се поместени извештаи на санитарно-здравствените органи, потоа неделни извештаи за починати лица, групи документи за државната администрација и сл.
Севкупно во овој том се преведени и обработени вкупно 169 документи, кои се од политички, економски, верски, културен, административен, здравствен и друг аспект. Врз основа на овие документи може да се истражува развитокот на државната управа на овие простори, територијалната организација, финансиската издржливост на таквата поделба, функционирање на општините, нивелизација на платите на администрацијата, додатоците, издатоците, здравственото осигурување и грижа на населението, функционирањето на администрацијата, односот на населението кон власта и воопшто односите и соживотот меѓу самото население на овие простори.