Промовирано изданието „Нико Зупанич и Македонија во 1903 година“ од м-р Виктор Габер

Во рамките на својата издавачка дејност, Државниот архив неодамна ја објави и Студијата: „Нико Зупанич и Македонија во 1903 година“, приредена од амбасадорот, Виктор Габер. Како дело кое е мошне податливо и интересно, не само за стручните лица, туку и за пошироката јавност, сметаме дека со појавата на оваа Студија даваме скромен, но значаен придонес во расветлувањето на некои дилеми поврзани со македонското прашање кон крајот на 19-от и почетокот на 20-от век. Словенецот Нико Зупанич е научник во областа на антропологијата, етнографијата и историјата, кој докторирал во Виена токму во 1903 година и кој, меѓу другото, се занимавал и го проучувал поширокиот третман на темата Македонија и Македонците во негово време.

IMG 5970


Тоа е историски период, непосредно по одржувањето на Берлинскиот конгрес, кога била меѓународно потврдена политичката самостојност на повеќе балкански народи, со исклучок на словенечкиот и на македонскиот народ. Оттука и интересот на младиот научник, Нико Зупанич и за судбината на македонскиот народ за неговата иднина и перспектива, кои тој ги гледал во рамките на Словените на Балканот во една држава на Јужните Словени.

IMG 5960

Може да се каже дека Нико Зупанич е прогресивен и радикален во своите политички размислувања и ставови кои ги објавувал како статии, есеи, брошури или книги и за кои имал и соодветни реперкусии во тоа време, а и подоцна. Во таа смисла, оваа Студија, за која и порано имало објави и коментари кај нас, претставува уште еден доказ за националното чувство и посебност на македонскиот народ и за неговата тенденција за слобода и самостојност. За нас особено е значаен освртот и анализата на антропологот, Нико Зупанич за етно-културата на македонското население на самиот почеток на 20-от век, за кое население тој го употребува терминот „Македонски Словени“, а се осврнува и на неговите јазични и дијалектни карактеристики. Прашањето за посебноста на ова население како Македонци во етничка смисла, Зупанич дури и го афирмира во посебно поглавје во Статијата: „Македонија и турскиот проблем“, со наслов: „Македонски Словени“, за кои тврдел дека во Македонија тогаш ги имало над еден милион и сто илјади лица.

Книгата може да се набави во Државниот архив и во книжарницата Literatura.mk во Сити Мол-Скопје.

IMG 5978
IMG 5982
IMG 5957
IMG 5962