Државниот архив за квалитетно остварување на своите стратешки цели го поддржува стручното унапредување и оспособување на вработените преку организирање обуки преку кои се развиваат професионалните капацитети. Поаѓајќи од оваа заложба, вчера во Порта Македонија-НУ Музеј на македонската борба беше реализирана специјализирана обука за инспекторите од Државниот архив и неговите подрачни одделенија. Обуката беше реализирана од д-р Мери Петреска, виш инспектор и експерт во областа и примената на Законот за прекршоци од Државниот инспекторат за земјоделство на покана на Државниот архив. Темата која беше опфатена на обуката се однесуваше на усогласувањето на Законот за архивски материјал со одредбите од Законот за прекршоци и Законот за инспекциски надзор.

Државниот архив ќе продолжи да спроведува програми за зајакнување на кадровскиот потенцијал во институцијата со поддршка на НУ Музеј на македонската борба, кој ги обезбедува просторните и техничките услови за одржување настани за што се изразува посебна благодарност до директорката, Даниела Николова.
