Волјата на македонскиот народ за слобода го симболизира државниот празник 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба кога во далечната 1893 година доаѓа до полн израз одлучноста и пожртвуваноста за исполнување на идеалите. На овој ден, Македонците и сите народи кои живееле на оваа територија ја добиле Организацијата која ги претставувала нивните стремежи за основни човекови права, правда и сигурност. Пред основоположниците на Македонската револуционерна организација се поставила врвната задача да го изедначат македонскиот со сите други европски народи кои слободно ги изразувале своите традиции и посебност. Интелектуалната елита составена од Иван Хаџи Николов, Петар Поп Арсов, Христо Татарчев, Христо Батанџиев, Андон Димитров и Даме Груев се состанала во Солун за да отворат ново поглавје во поновата историја во кое посакуваната автонимија за Македонија била замислена само како преодна фаза до самостојна држава

Основоположниците ја замислиле Организацијата во улога на обединувачки фактор на сите што биле родени и живееле во османлиска Македонија без разлика на вера и народност. Истовремено, оваа револуционерна сила требало да биде чувана од какви било надворешни влијанија. Како генерации може да се восхитуваме, но и да учиме од посветеноста на тогашните визионери за обединувачките и организаторски способности да поведат движење кое ќе води до создавање на македонската држава. Тајната на справувањето со тешките задачи е во истрајноста и неисцрпната љубов кон татковината како што ја имале членовите на МРО кои оставиле траен белег во нашата историја, а нивните вредности трајно се вградиле во современата македонска држава. Нека е честит големиот празник 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.