ЗА ФОНДООБРАЗОВАТЕЛИТЕ И ФОНДОТ „БРАЌА МАНАКИ“
Милтон и Јанаки Манаки биле првите балкански филмски сниматели, фотографи, еснафи, претставници на општествената елита. Тие ги поставиле темелите на балканската фотографија и кинематографија, почнувајќи со дејност на крајот на 19 век. Сведоци на политичките премрежиња на територијата на географска Македонија во 20 век, браќата Манаки покажале поширока културна визија и димензија во областа на фотографијата, надминувајќи го степенот на работа во ателје, за комерцијалните потреби на граѓаните, типичен за нивните деловни современици од фотографскиот еснаф. Тие се насочиле кон сестрано теренско работење, кое денес има непроценлива вредност поради опфаќањето разни области на општеството. Нивната дејност била предмет на многубројни студии од областа на културата, уметноста и историјата во Европа и светот.
Значењето на фотографијата денес е повеќестрано, како за културата и историјата така и за другите науки, но и општествени потреби. За разлика од пишуваните архивски материјали кои непосредно говорат за некој настан, автентичната фотографија секогаш е сведок за она што е конкретно забележано на неа. Оттаму и произлегува нејзиното значење како историски извор и како архивски материјал. Најголем дел од творештвото на браќата Манаки денес се чува во Државниот архив – Одделение Битола (документација, негативи, фотографии и предмети), додека пак во Кинотеката на Република Северна Македонија се чуваат филмските материјали.
Архивскиот фонд е заведен под називот: Фонд бр. 580 „БРАЌА МАНАКИ“ – БИТОЛА, 1853-1964. Фондот има вкупно 23 кутии од кои шест се со документација од членовите на семејството Манаки (биографски материјали, лични документи, преписка, документи за стопанска дејност со имотите, книги од фотографската и киноприкажувачката дејност на семејството Мaнаки и сл.). Преостанатите 17 архивски кутии содржат фотографии изработени од браќата Манаки.
Вкупниот број на фотографии во овој фонд е околу 10.000 (фотографии позитиви – хартиени копии). Исто така, фондот брои околу 7.000 стаклени негативи, од кои повеќето имаат описи, и околу 3.000 – план и рол-филмови. Фондот содржи и 49 единици фотографска и киноопрема.
Времето што изминува – зголемување на вредноста на сведокот на историјата или негов убиец? (потреба од заштита на историскиот извор)
Архивските материјали се постојано изложени на надворешни влијанија без разлика на тоа колку се добри условите за нивно чување. Материјалот е подложен на хемиски процеси, кои го намалуваат неговиот квалитет. Ова особено се однесува на фотографијата, која поради своите физичко-хемиски својства бара специфични услови за сместување и чување. Постојаната физичка манипулација со оригиналниот материјал дополнително го загрозува и ги зголемува ризиците од негово оштетување. Ако се земе предвид фактот дека фондот „БРАЌА МАНАКИ“ е често користен фонд од истражувачи од целиот Балкански Полуостров, па и пошироко, на коишто со Закон им е овозможено негово користење, тогаш ризиците за овој фонд се уште поголеми. Дополнително, староста на архивскиот материјал е ризик-фактор кој треба сериозно да се земе предвид. Сето ова ја наметнува потребата од дигитализација на целокупното творештво на браќата Манаки и заштита на оригиналниот архивски материјал, кој е од непроценлива вредност. Оттаму произлегува потребата за – запирање на времето.
ЦЕЛ НА ПРОЕКТОТ
Наша главна цел е целосна дигитализација на целокупниот архивски фонд, вклучувајќи ги оригиналните негативи, позитиви и документи. Целосната дигитализација ќе значи и заштита на оригиналниот архивски материјал. Како продукт од овој процес ќе се добие висококвалитетна дигитална копија на материјалот, која може многу полесно да се користи, додека оригиналниот материјал ќе биде повторно складиран во нови, современи архивски кутии, кои ќе обезбедат многу подобра заштита во иднина.
Скопје, 5.10.2022 г.