ObukaManaki_7

РЕАЛИЗИРАНИ ОБУКИ ЗА ПОТРЕБИТЕ НА ПРОЕКТОТ „TIME STANDS STILL“

ОБУКИ ЗА АРХИВСКИ ПРОФЕСИОНАЛЦИ ВО РАМКИТЕ НА ПРОЕКТОТ НА БРИТАНСКАТА БИБЛИОТЕКА

Почнувајќи од 17 до 20 октомври 2022 година се одржаа специјализирани обуки и работилници во рамките на проектот „Time Stands Still“ на Британската библиотека. Учесници во обуките беа архивски професионалци од Одделението на Државниот архив во Битола кои беа обучувани за дигитализација на фотографски материјал, изработка на метаподатоци и примарна заштита и чистење на фотографски материјал. Дел од работилниците беше посветен за запознавање со меѓународниот стандард за архивски описи ISAD(G).

Другите теми што се обработуваа од страна на обучувачите опфаќаа: изработка на Упатство за подготовка на архивските материјали од фондот за скенирање во серии и фолдери, креирање на метаподатоците и организирање на работните фолдери со мастер копиите, утврдување на унифицирани називи на скенираните фајлови, запознавање со структурата на фотографијата и идентификација на фотографски процеси, препознавање на видовите на оштетувања на сребрено-желатински фотографии како и нивоата на нивна заштита. Исто така се работеше и на практична обука за работа со опремата за скенирање, инсталирање, начин на постапување со опремата како и со архивскиот материјал. Практичната обука исто така опфати и чистење и подготовка на фотографски материјал.

Обуките беа спроведени од Горан Стојковски – раководител на Секторот за информатичка технологија и дигитализација на архивски материјал во Државниот архив, Емилија Роп – државен советник за заштита на архивскиот материјал во Државниот архив и Лидија Пајевиќ, конзерватор на фотографија обучена во Гети институтот за конзервација во САД.

Овој проект ќе овозможи фондот „Браќа Манаки“ да биде првиот архивски фонд на ниво на цела држава што ќе се обработи според современите меѓународни стандарди на ниво на архивски единици. Архивските професионалци по завршувањето на обуките се побогати со нови знаења, кои практично ќе им помогнат да го изведат процесот на дигитализација на оставнината на браќата Милтон и Јанаки Манаки.

Најнови објави