На денешен ден, во 1874 година, во Постол, Егејска Македонија, е роден Крсте Петков Мисирков. Најзначајното дело на Крсте Мисирков е книгата: „За македонцките работи“, објавена во Софија во 1903 година. Петтата статија од неговата книга ,,За македонцките работи” претставува прв научно аргументиран, солидно поставен и разработен проект за македонскиот литературен јазик. Во книгата Мисирков ја анализира положбата на македонскиот народ, актуелната политичка и етнографска состојба на Македонија и пошироко. Последната статија од книгата наречена „Неколку зборои за македонцкиіот литературен іазик“ претставува прво нормирање на јазикот и основа за кодификацијата на македонскиот стандарден јазик базиран врз централните говори. Конечната стандаризација на македонскиот јазик е во 1945 година со излегувањето на Правописот изработен од Комисијата за јазик и правопис при Министерството на народната просвета, со Граматиката на Кепески и со Нормативната граматика на Конески (1952). Книгата „За македонцките работи“ има особено значење, затоа што Мисирков ја употребува кирилската азбука приспособувајќи ја според гласовниот систем на централните говори на западното наречје и особено кон битолскиот говор, како основа на неговиот замислен јазичен стандард. Иако била забранета, книгата го наоѓа својот пат кон македонските интелектуални кругови и претставува основа при натамошното оформување на македонскиот литературен јазик.
Мисирков се определува за еден брз, нетрадиционален модел при оформувањето на своите ставови за македонскиот литературен јазик, заснован врз три точки:
1. За основа на литературниот јазик ги зема централните говори (на линијата Велес – Прилеп – Битола – Охрид).
2. Го поставува правописот врз фонетска основа, со мали отстапки пред етимологијата.
3. Во лексиката вклучува елементи од сите македонски говори.
Со определбата за централните македонски говори, Мисирков инсистира на оние јазични карактеристики со кои македонскиот јазик најмногу се разликува од соседните словенски јазици.
Весна Костовска
Институт за македонски јазик
