На денешен ден, во 1830 година, во Охрид е роден Григор Ставрев Прличев, еден од најистакнатите претставници на македонската книжевност, кој творел во време на романтизмот. Тој во себе истовремено ги обединува специфичните и карактеристични елементи на класицизмот и романтизмот, кои како стилски белези доминираат во времето во кое живее и работи. Прличев живеел и работел во повеќе балкански културни центри (Охрид, Струга, Битола, Прилеп, Солун, Атина, Тирана, Цариград, Софија). Течно говорел неколку балкански и европски јазици. Поетската творба „Сердарот“ (1860) се смета за апсолутен врв на сиот влог што го дал овој творец во уметноста на зборот. Во книжевната наука оваа поема треба да се разгледува во контекстот на европската теорија на романтизмот. Други позабележителни негови творби се „Автобиографијата (1884) и словото-есеј „Чувај се себеси“ (1866).
Роден е како четврто, последно дете на Марија Ѓокова и Ставре Прличев, охридски занаетчија. Набргу неговиот татко починал, а Прличев останал сирак на шест месеци. Прличев бил ученик на Димитрија Миладинов, кој во тоа време учителствува во Охрид. Извесно време се вработува како терзија, а подоцна станува учител во Тирана (Албанија). Подоцна во 1849 година се запишува како студент по медицина на атинскиот Универзитет. Потоа се враќа во Макдонија каде што работел како учител во Прилеп и во Охрид, а со заработените пари се вратил во Атина во 1859 г. за да го продолжи школувањето. Во овој период ја пишува поемата „Ο ΑΡΜΑΤΩΛΟΣ“ (Сердарот). Во 1860 ја добива наградата на големиот атински конкурс за најдобра поема на грчки јазик. Истата година неговото дело ќе излезе од печат. Резултатите од конкурсот ги надминуваат и најсмелите очекувања, а Прличев ќе биде прогласен за „втор Хомер“, нешто што дотогаш не се случило во Атина.
По враќањето во Охрид веднаш ја почнува работата врз новиот поетски проект – поемата „Скендербег“, далеку попретенциозен творечки зафат. Пресвртница во животот на Прличев, според неговото раскажување, направила смртта на браќата Миладиновци во цариградските зандани. Со Јаким Сапунџиев го започнуваат „народниот подвиг во Охрид, т.е. борбата за воведување на народниот јазик во училиштата. Во овој период, главно со заслуга на Прличев, во Охрид се формира ќурчиска каса во 1866 година која како материјална база се користи во борбата за воведување народен јазик во училиштата и црквите.
Во 1868 г. турската власт го затвора и го депортира во дебарската зандана, поради клевета од страна на грчкиот охридски владика. По затворскиот период го посетува манастирот „Св. Јован Бигорски“ и е восхитен што во него се служи на старословенски јазик.
Во следната 1869 г. во Охрид масовно се воведува народниот јазик во училиштата. Истата година се жени со Анастасија, ќерка на Христо Узунов, со која има пет деца (Костадинка, Лијза, Кирил, Деспина и Ѓорѓи).
Во меѓувреме тој активно работи на издигнување на младото поколение во македонските училишта. Учествувал во свечениот пречек на првиот егзархиски владика Натанаил Кучевишки од Охрид. По тој повод држи и поздравен говор, а создава и една пофална песна во чест на Натанаил. Прличев набргу доаѓа во силен судир со Натанаила и со црковно-училишниот одбор. Поради судирот Прличев е прогонуван. Во својата „Автобиографија“, Прличев опишувајќи го овој период ќе напише: „Колку чудно е што отечеството, коешто никогаш и никаде не ги оценува своите синови, и грчкиот владика Милетија, најнепомирливиот мој враг, цели осумнаесет години ги трпел моите лекции, приповеди, опомени и укори, и никогаш не ме падел“, а „првиот бугарски митрополит, очекуван месија, нечесно ме протерува“.
Со заштедени пари од своето учителствување во Струга, заминува во Бугарија (Софија). Во 1883 -1890 г. учителствува во бугарската машка гимназија во Солун. Во овој период ја пишува својата „Автобиографија“, објавена по неговата смрт во „Сборник за народни умотворениа, наука и книжнина“. Разочаран е поради одбивањето да му се испечати преводот на „Илијада“ (1886 – 1887), поради „општословенскиот“ јазик. Прличев по пензионирањето во 1890 година, последните свои денови ги поминува во Охрид каде што умира на 6 февруари 1893 година.