Во историјата на македонскиот народ за национална еманципација, со право, името на Гоце Делчев (4 февруари 1872, Кукуш – 4 мај 1903, с. Баница) се смета за синоним на народната борба за слобода. Некои од публицистите кои се занимавале со истражување на неговата улога во поновата македонска историја, истакнале дека со „неговата крв ги цементирал основите на македонската ослободителна борба“. Овој кукушанец со своите идеи и визии стапил на историската сцена токму тогаш кога османлиска Македонија се подготвувала да ја покаже националната зрелост пред Европа, за круна на тој процес да биде извојување самостојна држава во која сите жители ќе уживаат човечки права и социјална правда.
Во краткиот, но исполнет живот на Делчев, тој го исполнил долгот кон својот народ како учител-просветлител, организатор на Македонската револуционерна организација, при што крстосувајќи низ македонските градови ја крепел народната издржливост и верба за подобро утре. Гоце Делчев останал со силно паметење во колективната меморија на генерациите до ден денес и поради мудроста и високите морални карактеристики кои ги поседувал како личност. Затоа се вградил во идеологијата и стратегијата на МРО и ја презел одговорноста за обезбедувањето материјални средства и снабдувањето на Организацијата со револуционерна литература.
„Непрекинато да работиш за културното издигање и ослободувањето на македонскиот народ“ – тоа е стимулот што го терал Гоце Делчев да води борба на живот и смрт за своите вонвременски цели. Во денот на одбележувањето на годишнината од неговото раѓање се наметнува мислата дека мораме да ја разбереме пораката на Делчев, која нè мотивира како нација на сплотеност и лојалност кон државата која е добиена со многу саможртви.