Во интерес на унапредување на досегашната соработка и создавање нови можности за размена на искуства и знаења од областа на архивите, а пред сè лоцирање на архивските материјали за историјата на Македонија, делегација од Државниот архив, на 20 февруари 2023 година го посети Австрискиот државен архив.
За време на посетата е остварена средба на д-р Емил Крстески, директор на Државниот архив, со д-р Хелмут Вонот, генерален директор на Австрискиот државен архив, д-р Томас Јуст, и со д-р Харалд Фидлер, претставник од Воениот архив, на која беа разгледани можностите за споделување искуства од архивистиката, реализирање заеднички проекти, добивање стручна поддршка во однос на интензивирањето на процесот на дигитализацијата на историските документи и архивските материјали, спроведување обуки на архивистите од нашиот Архив во Австрискиот државен архив и можностите за истражување на архивските материјали за историјата на Македонија во архивите во Австрија. Во разговорот беше нагласена обостраната желба за продлабочување на соработката меѓу двата архива. На средбата присуствуваа и Светлана Успрцова и Карин Холцер, одговорни за меѓународна соработка во двата државни архива. Овие разговори беа во рамките на Договорот за соработка помеѓу, тогаш, Архивот на Македонија и Австрискиот државен архив, потпишан на неопределено време, уште во 1999 година.
Д-р Емил Крстески, за време на работната средба во архивите во Австрија, имаше можност да се запознае со документи за историјата на нашата држава од крајот на XIX и почетокот на XX век, во Воениот архив и беа презентирани географски карти од Првата светска војна, а и да се запознае со процесот на дигитализација во Австрискиот државен архив. Во рамките на посетата беше договорено до крајот на февруари да бидат доставени копии од документи, мапи и фотографии од 19 и 20 век што се однесуваат на Македонија на Државниот архив. Меѓу нив е и книгата-водич за Македонија, печатена на германски јазик во 1905 година, чии автори се австриски и германски новинари. Ова е навистина вредна книга, која содржи историски и географски податоци, мапи, описи за животот, традицијата и обичаите на населението на територијата на тогашна Македонија.
Во Виена, д-р Емил Крстески оствари средба и со д-р Томас Аигнер, претседател на Меѓународниот центар за архивско истражување (ICARUS – International Centre for Archival Research), на која средба беше разговарано за вклучување на Државниот архив во проектите на ICARUS и можностите за добивање лиценци, за некои од нивните проекти и нивно применување на територијата на нашата држава.
.



