Во историјата на македонскиот народ за национална еманципација името на Гоце Делчев (4 февруари 1872, Кукуш – 4 мај 1903, с. Баница), со право, се смета за синоним на народната борба за слобода. Некои од публицистите кои се занимавале со истражување на неговата улога во поновата македонска историја, истакнале дека со „неговата крв ги цементирал основите на македонската ослободителна борба“.
Во краткиот, но исполнет живот, Делчев го исполнил долгот кон својот народ како учител-просветлител, организатор на Македонската револуционерна организација, при што крстосувајќи низ македонските градови ја крепел народната издржливост и верба за подобро утре. Гоце Делчев останал со силно паметење во колективната меморија на генерациите до ден-денес и поради мудроста и високите морални карактеристики кои ги поседувал како личност. Затоа се вградил во идеологијата и стратегијата на МРО и ја презел одговорноста за обезбедувањето материјални средства и снабдувањето на Организацијата со револуционерна литература.
„Непрекинато да работиш за културното издигање и ослободувањето на македонскиот народ“ – тоа е стимулот што го терал Гоце Делчев да води борба на живот и смрт за своите вонвременски цели. Во денот на одбележувањето на годишнината од неговата смрт се наметнува мислата дека мораме да ја разбереме пораката на Делчев, која нè мотивира како нација на сплотеност и лојалност кон државата која е добиена со многу саможртви. Димо Хаџи Димов, близок соработник и пријател на Гоце, и самиот учесник во борбата кај Баница, го оставил следното потресно сведоштво: Петнаесет часа ние го гледавме мртвиот Гоце, наведнат, чиниш, врз грбот на Македонија. И петнаесет часа ни се кинеа срцата.
На 31-годишна возраст ја снемало од животната и историската сцена, несомнено, најдинамичната личност на македонското револуционерно национално ослободително движење во предилинденскиот период, којшто оставил трајни траги во македонската историја.