23 Мај, национален ден на Власите

Власите се народ од романско потекло, а во Македонија се познати повеќе како Ароманци, Цинцари и Куцовласи. Власите во Македонија живееле повеќе во планинските села во југозападна и источна Македонија, а сега се претежно населени во градовите.

Со ираде (указ) на турскиот султан Абдул Хамид II, Власите се признати како посебен народ во Отоманското Царство, со што добија право да избираат свои градоначалници (мукхтари), да организираат образование  и богослужба во црквите на влашки јазик. Тие живееле и работеле како сточари и богати трговци, а познати се и со своите влашки носии и килими.

Власите учествувале и во ослободителните борби заедно со македонскиот народ, како што е народниот херој Питу Гули, Елпида Караманди, Таки Даскалот  и многу други.

Влашката заедница со развиената култура низ историјата дала голем интелектуален и уметнички придонес. За историјата дал придонес Никола Бацарија како министер во Отоманската Империја, со потпишувањето на Лондонскиот мировен договор со што престанала Првата балканска војна. За македонската литература истакнатиот поет и писател Рајко Жинзифов, за кинематографијата браќата Милтон и Јанаки Манаки, за македонската уметност во ХХ век, уметник и академик Никола Мартиновски, Тоше Проески како што се и многу други истакнати личности од влашката заедница кои оставија траги во градењето на интелектуалниот и уметничкиот живот.

Македонија е единствена држава во која влашкиот народ е составен дел од Уставот, а во согласнот со Законот за празници, 23 Мај е прогласен како неработен ден за влашката заедница. Државниот архив на сите припадници од влашката заедница им го честита 23 Мај, денот на Власите.  

Најнови објави