5-9 ЈУНИ 2023 ГОДИНА – МЕЃУНАРОДНА НЕДЕЛА НА АРХИВИТЕ
Годинава се навршуваат 75 години од формирањето на Меѓународниот архивски совет (International Council on Archives – ICA) под покровителство на УНЕСКО, организација која ги обединува архивите и архивистите од целиот свет.
За таа цел, Меѓународниот архивски совет од понеделник 5 јуни 2023 година до петок 9 јуни 2023 година ја организира петтата по ред Меѓународна недела на архивите (#IAW2023) која ќе мине во знакот на одбележувањето на овој значаен јубилеј #75YearsICA. Важноста на записите, архивите и архивската професија е темата која ќе биде популаризирана во рамки на петте сесии кои се предвидени да се реализираат а во кои ќе може да учествуваат сите архивски институции и архивисти кои се членови на МАС.
Првиот вебинар кој ќе биде реализиран ќе биде на темата „Влијанието на општествените промени врз архивската работа“ на кој ќе се обратат претставници на МАС и ќе можат да земат учество сите заинтересирани. Притоа поканети се архивисти од Архивите ширум светот да учествуваат во кампањата на социјалните медиуми која ќе биде посветена на градењето на архивската заедница #ArchivesUnited во изминатите 75 години. Користејќи ги овие хаштагови може да се додаваат фотографии, видеа и архивски документи во три категории: настани, лидерство и глобално присуство.
Меѓународниот ден на архивите – 9 јуни од 2007 година прерасна во Меѓународна недела на архивите во организација на Меѓународниот архивски совет. Архивиските професионалци од близу 200 држави во овој период сакајќи да го свртат вниманието на јавноста преку различни форми го промовираат сопственото работење и значењето на Архивите. Државниот архив ќе даде придонес во одбележување на Меѓународната архивска недела така што ќе ја постави изложбата „Македонија памети-никогаш да не се заборави“ во Домот на културата „Илинден“ во град Демир Хисар на 5 јуни (понеделник) 2023 година, и архивисти од Државниот архив активно ќе се вклучат во вебинарите на МАС и ќе споделат сопствени искуства од работата.
Државниот архив им го честита Меѓународниот ден на архивите на сите вработени!
На следниот линк може да се најдат повеќе информации за претстоечките вебинари: