Збирката на движното културно наследство – ФОНД 580 „Браќа Манаки-Битола 1853-1964“, која се наоѓа во Државниот архив на Република Северна Македонија – Одделение Битола е прогласена за културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење – изјави министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Збирката – ФОНД 580 „Браќа Манаки-Битола 1853-1964“ содржи документација, фотодокументација и предмети од професионалниот живот на браќата Милтон и Јанаки Манаки.
,,Владата донесе одлука со која на оваа вредна Збирка ѝ е овозможено трајно зачувување во изворна состојба, се обезбедуваат поволни услови за опстанок на исклучителната документација и задржување на сите податоци што ги носи со себе како сведоштво. Високиот степен на заштита овозможува ширење на сознанијата за вредностите и значењето на Збирката и за нејзината улога во културната идентификација, а се спречуваат и секаков вид дејствија, појави и влијанија со кои се врши или може да настане оштетување или деградирање – нагласува министерката.
,,Збирката заради своите историски и културни вредности претставува сведоштво за едно време кое е од поширок интерес за проучување на мултикултурната балканска демографска структура, како и на општествено-економските и културно-историските околнсти кон крајот на 19-ти и почетокот на 20-ти век, што, всушност имаат, како регионална, така и европска важност. Значаен дел од оваа збирка беше презентиран како заокружена изложба за жиботот и творештвото на браќата Манаки во повеќе градови во регионот и Европа” – истакна директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески.Со прогласувањето на Збирката на браќата Манаки за културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење, овие над илјада и двесте артефакти добиваат режим на заштита од прв степен, што значи дека доброто ќе добие трајна заштита и систематизација што ќе овозможат едукативна програма за општествено-социолошки, културни и историски теми, нејзина дигитализација (која што е во тек) и можност за истражувачки, публикациски и други репрезентативни потреби што вклучуваат јавно користење и достапност на доброто.
Државниот архив – Одделение Битола и натаму ќе овозоможува поголема достапност до јавноста, како и меѓународна афирмација на богатото културно наследство содржано во оваа збирка.