На 8 септември Република Северна Македонија прославува 32 години од стекнувањето на својата независност. На овој датум во 1991 година граѓаните се изјаснија за самостојна независна држава која го почна својот пат кон етаблирање како субјект во меѓународната заедница.
На крајот на осумдесеттите години на XX век тешкотиите во политичкиот и економскиот живот во Македонија предизвикаа промени со кои ќе се обезбеди побрз развој на демократијата и стопанството. Покрај единствената партија која била на власт – Сојузот на комунистите на Македонија, почнаа да се создаваат и други политички партии. На првите повеќепартиски избори во Македонија кои се одржаа есента 1990 година се избрани 120 народни пратеници во нашето Собрание. По создавањето на првото повеќепартиско Собрание се избра и новата Влада.
На 8 септември 1991 година, 95 отсто од граѓаните што излегоа на референдумот, позитивно одговорија на референдумското прашање „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“. Комисијата ја констатира масовноста на граѓаните со право на глас во Македонија, кои се изјаснија „за“ самостојна и суверена Македонија.
Вечерта на 8 септември 1991 година на плоштадот во Скопје е организирана прослава, на која се собра многу народ и се одбележа успешниот резултат од референдумот. На оваа прослава свои куси обраќања имаа првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров, првиот претседател на Владата, Никола Кљусев, и првиот претседател на Собранието, Стојан Андов.
На референдумот му претходеше Декларација за независност, која ја усвои првиот повеќепартиски македонски парламент на 25 јануари 1991 година.
Формално волјата на народот за самостојна држава беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 18 септември 1991 во Собранието на Република Македонија. Следуваше усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година со кој се гарантираат поголеми права и слободи на граѓаните и со него сите се рамноправни.
Во однос на воспоставувањето на меѓународно-правниот субјективитет, и по неуспехот на Конференцијата за мирно решавање на кризата во Југославија, клучна што ја донесе Советот на министри на Европската заедница на 16 декември 1991 година, се донесе Декларација за дисолуција на Југославија со која се упати повик до југословенските републики да се изјаснат дали сакаат да станат независни и меѓународно признати држави.
Македонија заедно со три од шесте поранешни југословенски републики, Словенија, Хрватска и БиХ, позитивно се изјаснија за Декларацијата. Но, иако само Македонија и Словенија добија позитивни оцени од специјално формираната Бадентерова комисија дека ги задоволуваат условите за стекнување независност, Европската заедница во јануари 1992 година ги призна само Словенија и Хрватска.
Во тој период, поточно на 15 јануари 1992 година, Бугарија и Турција беа првите држави што ја признаа државноста на Македонија. Потоа следуваа признавањата од Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина и многу други земји.
Меѓународно-правниот субјективитет на државата, дефинитивно, беше потврден на 8 април 1993 година кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена за 181. полноправна членка на Светската организација. Сепак, поради противењето и притисоците на Грција, која не го прифаќаше нашето уставно име, зачленувањето во ООН беше направено со привремената референца – Поранешна Југословенска Република Македонија.
Во изминатите 32 година самостојно живеење, македонската држава помина низ многу искушенија и предизвици, кои го забавија нејзиниот пат кон остварувањето на стратегиските цели – зацврстување на демократијата и интеграција во евроатлантските структури. Поради познатите ставови на соседна Грција поврзани со употребата на нашето уставно име, Република Македонија летото 2018 година го потпиша таканаречениот Преспански договор и официјално го промени името во Република Северна Македонија, за да се реализира нејзиното полноправно членство во НАТО, што се случи на 26 февруари 2020 година, таа сега го продолжува патот кон последната цел – влегувањето како членка во Европската Унија.
Во Државниот архив, институција која е чувар на минатото, се наоѓаат сите декларации и важни документи кои се произлезени од работата на Собранието од независноста до денес, како и многу други документи поврзани со поновата историја на нашата земја.
Нека ни е честит 8 Септември, Денот на независноста!


Декларација за меѓународно признавање на Република Македонија за суверена и независна држава.