Архивска мрежа
Одделенија:
Централен Дел
Државниот архив на Република Македонија е формиран на 1 април 1951 година. Од 1926 до 1941 година во Скопје функционира Државен архив под раководство на Државната архива на Србија од Белград. Потребата од собирање и заштита на архивскиот материјал дошла до израз уште за време на Втората светска војна. На 3 мај 1945 година Министерството за просвета ја обелоденува намерата за формирање Архив на Народноослободителното движење на Македонија. Оваа иницијатива не била реализирана. На 31 мај 1946 година Министерството за просвета на НР Македонија формирало Комисија за прибирање на архивски материјал. Комисијата ангажирала просветни работници во собирање на архивски материјал, но нивната работа не вродила со плод. Кон собирање материјал во периодот 1946 -1951 година пристапиле Филозофскиот факултет, Музејот на Македонија и Институтот за национална историја во Скопје.
Во 1949 година при Централниот комитет на Комунистичката партија на Македонија бил формиран Историски архив со задача да прибира и обработува архивски и мемоарски материјал за работничкото и комунистичкото движење и за Народноослободителната војна во Македонија. Овој материјал денес се чува во Државниот архив на Р Македонија.
На 6 јануари 1951 година Народното собрание на НР Македонија го донело Законот за државните архиви, со кој е формиран Државниот архив на НР Македонија.
Во периодот од 1951 до 1960 година се основани девет околиски историски архиви кои, во согласност со Законот на архивската граѓа од 1990 година, влегуваат во составот на Државниот архив на Р Македонија како негови подрачни одделенија во: Битола, Куманово, Охрид, Прилеп,Скопје, Струмица, Тетово, Велес и Штип.
Постојната наменски изградена зграда на Државниот архив е во употреба од 1969 година до денес. Таа располага со архивско депо и работни простории за управата и персоналот на Архивот.
Билатералната соработка, истражувањето и публикувањето се организирани во централниот дел на Архивот. Во својот состав Државниот архив има лабораторија за конзервација и реставрација на архивски материјал, лабораторија за микрофилмување и книговрзница.
Централниот дел на Државниот архив на Република Македонија има надлежност над имателите на архивски материјал кои се од државен ранг и значење. Денес Архивот врши инспекциски и стручен надзор над архивското работење на 220 приоритетни иматели и околу 500 неприоритетни иматели.
Читалната на Државниот архив на Република Македонија располага со 10 места и е опремена со 4 микрочитачи и 1 микрочитач печатар. По барање на корисниците Архивот изработува микрофилмови, фотокопии, ксерокс – копии и др. Работното време на читалната е од 8 до 14 часот во секој работен ден.
Архивот располага со богата стручна библиотека која опфаќа историографска и архивистичка литература, списанија и енциклопедиски изданија.
ПОЗНАЧАЈНИ АРХИВСКИ ФОНДОВИ И ЗБИРКИ СО КОИ РАСПОЛАГА ЦЕНТРАЛНИОТ ДЕЛ НА ДРЖАВНИОТ АРХИВ НА РУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
Државниот архив на Република Македонија располага со над 1.300 архивски фондови и 27 збирки на документи, во вкупно количество од 3.951 метар должински. Исто така, Архивот располага со близу 5.000.000 микроснимки од архивски материјал со кој располага Архивот и со околу 1.000.000 микроснимки и 500.000 ксерокс-копии од материјал што е истражен во странски архиви. Во Архивот се прима и дигитализиран архивски материјал (10.811 снимки). Најстариот документ што се чува во Архивот потекнува од XII век.
Од особено значење е архивскиот фонд на Битолскиот кадилак (суд), кој настанал во континуитет од 1607 до 1912 година. Архивскиот материјал од овој фонд се однесува на социјалните и економските прилики во Битолскиот вилает (190 книги -сиџили со вкупно 40.000 одделни акти, пишувани на старотурски јазик).
Од времето на турската управа во Македонија се сочувани фондовите за околиските управи (кајмакамлаци) за Прилеп (1869-1912), Тетово (1869-1912), општинските управи во Велес, Кочани, Кратово, Крива Паланка, Куманово, Прилеп, Радовиш, Скопје, Тетово и Штип (1869-1912).
Од времето на национално-револуционерното движење на македонскиот народ се сочувани фондовите на видни македонски револуционери и дејци: Гоце Делчев, Григор Прличев,Кузман Шапкарев,Војдан Чернодрински, Петар Манџуков, Димитар Влахов, Крсте Мисирков и други, како и на одделни револуционерни окрузи на ВМРО (1896-1926).
Сочувани се фондови на дипломатски претставништва (амбасади, конзулати) и трговски агентства на Бугарија, Србија, Грција, Русија, Велика Британија, Франција, Австро-Унгарија и Италија во Турција и во Македонија (1830-1941 год.)
Во Архивот се чуваат црковните фондови на Грчката православна црква во Македонија (1705-1917); на Бугарската егзархија во Македонија – митрополии, архиерејски намесништва, црковни општини и настојатели (1890-1912); на Српската православна црква во Македонија – митрополии, архиерејски намесништва, црковни општини и настојателства, црковни управи, цркви, манастири и парохии (1913-1941) и фондовите на Исламската верска заедница-вакавски управи, окружни обласни муфтиства, околиски вакафско – меарифски поверенства и имамати (1919-1941).
Од периодот на бугарската управа во Македонија (1915-1918) се сочувани фондовите за окружните, околиските, градските и општинските управи.
За периодот на српската управа во Македонија (1918-1941) се сочувани фондови од банската управа на Вардарска бановина (1929-1941).
Од времето на бугарската окупација на Македонија (1941-1944) се сочувани фондови за обласните, околиските и градските општински управи, дирекции и полициски управи, како и за преките воени судови.
Од периодот на Народноослободителната војна во вардарскиот, егејскиот и пиринскиот дел на Македонија, се чуваат фондовите на воените единици: корпуси, дивизии, бригади, баталјони и одреди на НОВ и ПО на Македонија (1941-1945).
Од периодот на изградбата на НР/СР Македонија се сочувани следниве фондови на највисоките државни органи: Антифашистичко собрание на народното ослоободување на Македонија (АСНОМ) (1944-1945), Народно собрание на НР Македонија/Собрание на СР Македонија (1945-1990), Влада на НР Македонија/Извршен совет на Собранието на СР Македонија (1945-1990), Претседателство на СР Македонија (1974-1990).
Во Архивот се чуваат фондовите на органите на државната управа на НР Македонија/СР Македонија, и тоа: министерства, главни управи и дирекции, комисии, совети и др. (1945-1990).
Архивот располага со фондовите на општествено-политичките организации во НР/СР Македонија, и тоа: Комунистичката партија на Македонија/Сојузот на комунисти на Македонија, Народниот фронт/ССРНМ, синдикатот, младината и борците од НОВМ (1943-1990).
Исто така, се чуваат и дел од фондовите на имателите од областа на стопанството, банкарството, образованието, науката, културата и спортот во НР/СР Македонија (1945-1990).
Во Архивот се чува седничен и друг архивски материјал на највисоките државни органи на независна Република Македонија, и тоа: Претседател на Р Македонија, Собрание на Р Македонија и Влада на Р Македонија (1991-2000).
Значаен дел заземаат личните и семејните фондови на: Андрееви од Крушево, Богданови, Машови и Киркови од Велес, Богданови од Солун, Богоевиќ од Тетово, Бојаџиеви од Дебар, Исаковски и Поп Антови од Скопје, Зози и Данабаш од Битола, Попови од Прилеп, Срмабожа, Робеви од Охрид и други.
Архивските збирки ги сочинуваат фермани (1646-1859), берати (1702-1911), вакафнами (1574-1911), географски карти и др.
Одделение Скопје
Tелефон: (++389 02), 3076-461, 3076-462, 3076-463 Работно време: 8:30-16:30 часот
Надлежност во општините:
- Град Скопје
- Арачиново
- Зелениково
- Илинден
- Петровец
- Студеничани
- Сопиште
- Чучер Сандево
Непосредно по формирањето на архивското средиште во 1951 година, Народниот одбор на град Скопје во 1952 година донесува решение за основање на Државнa Архива со надлежност на територијата на Народниот одбор на град Скопје и Скопска околија со што започнува организираната заштита на архивскиот материјал. Називот Околиски историски архив – Скопје, кој што го носи установата од крајот на 1953 гоцина, се менува во Историски архив – Скопје. Од 1974 година функционира како Архив на Скопје – Скопје, а од 1990 година се трансформира во Подрачно одделение, како организациона единица на единствената управна организација Архив на Македонија. Од 2000 година Подрачното одделение – Скопје продолжува да работи како Државен архив на Република Македонија – Одделение Скопје, без промена во територијалната надлежност.
Територијалната надлежност на Одделението Скопје ги опфаќа Скопје и неговата околина: Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Центар, Кисела Вода, Аеродром, Бутел, Чаир, Шуто Оризари, Арачиново, Студеничани, Зелениково, Петровец, Илинден, Сопиште, Сарај и Чучер – Сандево. Работи со 220 иматели на архивски материјал.
Одделението Скопје во својот состав има микрофилмска лабораторија со апаратура за снимање на 35- милиметарски филм и микрофиши.
Покрај основната функција има развиена издавачка дејност ориентирана на историјата на Скопје и Скопско, со значајни монографски изданија за познати револуционери подредени во едициите: „Светли ликови од револуционерното минато на Скопје“, „Мемоари“, „Монографии“.
„Специјални изданија посветени на извештаи од научни конференции“.
Одделението располага со 675 фондови и 10 збирки:
Меѓу позначајните фондови се:
- „Градско поглаварство на Општината на град Скопје“ (1918-1941 година);
- „Народноослободителни и народни одбори на град Скопје“ (1944-1953);
- фондовите за просветните, културните и научните институции, за периодот 1919-1980 година и
- фондовите за трговските производствени претпријатија, за периодот од 1919-1990 година.
- фондовите на Православната црква (1919-1946), кои се однесуваат на парохиите, црквите и манастирите и фондовите на Исламската верска заедница – вакавски управи, поверенства и имамати.
Многу значајна е Збирката од над 30.000 фотографии за Скопје и неговата околина, создадена во периодот 1928-1983 година. Со посебно внимание се комплетирани фотографиите по катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година и изградбата.
Како признание за постигнати резултати во областа на културата и за успешна соработка во областа на архивското работење, Одделението Скопје е добитник на повеќе награди.
Читалната располага со 10 места, а за потребите на корисниците може да се изврши ксерографирање.
Одделение Битола
Адреса: бул. „Први Мај бр. 55„ , 7000 Битола
Tелефон: тел/факс (+389 047 241 740), тел (+389 047 239 491)
Работно време: 8:30-16:30 часот
Надлежност во општините:
- Битола
- Демир Хисар
- Могила
- Новаци
- Ресен
Одделението во Битола е основано во 1954 година како општински архив. Тоа работи во нова наменска зграда. Од 1990 година станува подрачно одделение на Државниот архив на Македонија. Одделението Битола има надлежности над имателите во општините: Битола, Демир Хисар, Могила, Новаци и Ресен со вкупно 195 иматели.
Одделението располага со 916 фонда и 25 збирки. Најстариот документ е од 15 век (пергамент на стар еврејски јазик). Иако најголемиот број документи се од периодот по Втората светска војна, постои и архивски материјал со многу важни податоци за политичката, културната и стопанската историја на подрачјето на општините за кое е надлежно, како и пошироко за периодот до 1944 година.
Читалната располага со 6 места за корисниците, а за нивна потреба се изработуваат ксерокс-копии.
Работно време на читалната е од 8 до 14 часот секој работен ден.
Библиотеката располага со 3.823 книги, 163 наслови на списанија и 155 наслови на весници.
На полето на издавачката дејност Одделението Битола ги има објавено следниве публикации:
- „Зборник на паднати борци од НОВ од Битолска околија” 1957 г.
- „11 Март 1943“ по повод егзодусот на Битолските Евреи 1957 г.
- „Архив – Битола“ водич 1961г.
- „Водич низ архивските фондови и збирки во Историскиот архив Битола“ 1978г.
- „Зборник на одбрани документи за историјата на Битола 1941-1944“, 1984 г. (2 книги)
- „Документи за ограбување на црквите“, 1985г.
- Едицијата „Незаборавени“ за Трајан Велев – Гоце, Тодор Ангеловски – Строгов, 7 Македонска бригада и 9 дивизија, Елпида Караманди – Бисера, Киро Димитровски – Дандаро од 1986-1989 г.
- „Спомени и биографии на илинденци“, 1993 г
Поважни фондови се:
- „Градско поглаварство на град Битола“ 1921/1941 г
- „НОО на Битолска област“ 1944-1945 г
- „Грчко – Пелагониска митрополија Битола“ 1755 /1905 г
- „Судските фондови“ од 1919 г
- „Вакувската управа и муфтиството на битолскиот округ“ 1915- 1947 г.
- Матични книги на родени, венчани и умрени од 1801 / 1962 г
- Браќа Манаки 1898 / 1964 г.
Одделение Велес
Надлежност во општините:
- Велес
- Гевгелија
- Градско
- Демир Капија
- Кавадарци
- Неготино
- Росоман
- Чашка
Архивот на Велес е формиран во 1954 година, а од 1951г. до 1954г. Архивското средиште функционирало како архивско одделение во состав на Народниот музеј на Велес. Одделението работи во нова наменска зграда и има читална. Тоа е надлежно за следните општини: Велес, Чашка, Градско, Росоман, Неготино, Кавадарци, Демир Капија и Гевгелија. Одделението работи со 267 иматели на архивски материјал. Ова одделение располага со 538 фонд и 8 збирки. Најстарите документи потекнуваат од 1768 година.
Позначајни архивски фондови се:
- Архивските фондови на општините и општинските управи (1918 – 1941 година) и
- Семејните фондови на трговските семејства Кицови и Хаџи Петрушеви (1800-1918 година) и повеќе лични фондови.
Одделението Велес подготви неколку изложби каде на јавноста и беше презентиран архивскиот материјал. Ова се насловите на изложбите:
- „Документи за делувањето на Велешкиот партизански одред Димитар Влахов“,
- „Револуционерното и творечко живеење на Кочо Рацин“,
- „Животот и творештвото на Ордан Х. К. – Џинот“ и
- „Велес во минатиот век“.
Од 1998 година има подготвено постојана изложба со наслов „Велес низ документи и фотографии“.
Во 1979 година е формирано Друштвото на архивски работници.
Читалната во одделението Велес работи за корисниците на архивски материјал секој работен ден од 9.00 – 15.00 часот каде има на располагање ксерокскопир.
Одделение Куманово
Адреса: бул. „III-та Македонска ударна бригада“ бр. 20, 1300 Куманово
Tелефон: (+389 031 420 464)
Работно време: 8:30-16:30 часот
Надлежност во општините:
- Куманово
- Кратово
- Крива Паланка
- Липково
- Ранковце
- Старо Нагоричане
Архивот во Куманово е основан во 1954 година. Под негова надлежност се општините Куманово, Липково, Старо Нагоричане, Крива Паланка, Ранковце и Кратово. Ова Одделение работи во отежнати услови и во ненаменска зграда изградена кон крајот на 19 век. Особен проблем претставува сместувањето на архивскиот материјал.
Одделението работи со 200 иматели. Тоа располага со 543 фонда и 8 збирки. Најстарите документи потекнуваат од 1870 година, а најголемиот дел од материјалот е создаден во периодот по Втората светска војна. Истото располага со документи со економска, социјална, културна и политичка содржина.
Одделението не располага со читална, а за таа намена се користaт работните простории од 9 – 15 часот.
Одделение Охрид
Tелефон: (++389 046 252 104)
Работно време: 8:30-16:30 часот
Надлежност во општините:
- Охрид
- Вевчани
- Вранештица
- Дебар
- Дебарца
- Другово
- Зајас
- Кичево
- Осломеј
- Струга
- Центар Жупа
Архивот во Охрид е формиран во 1951, а по 1990 година се трансформира во Подрачно одделение во рамките на Државниот архив на Република Македонија. Со својата дејност ги покрива општините: Охрид, Дебарца, Струга, Вевчани, Кичево, Другово, Осломеј, Вранештица, Зајас, Дебар и Центар Жупа. Новата наменска зграда е изградена во 1979 година.
Одделението работи со 385 иматели на архивски материјал.
Одделението располага со 598 фонда и 17 збирки. Најголемиот дел од архивскиот материјал е од периодот по Втората светска војна, а останатиот дел во најголема мера се однесува на архивски фондови и поединечни документи од XIX и првата половина на XX век. Архивските фондови и збирки содржат многу важни податоци за политичката, културната и стопанската историја на подрачјето на наведените општини.
Многу се значајни и вредни Збирката црковно-словенски ракописни книги од XIV до XX век и Збирката ориентални ракописни и печатени книги.
Во ова Одделение најзначајни се фондовите за:
- Општинските управи (1918-1941 и 1941-1944);
- Народноослободителните одбори (1944-1945) и одборите на општините (1945-1990);
- Бановинска хидробиолошка станица (1934-1941), Рибоводна станица (1941-1944), Хидробиолошка станица (1944-) сите со седиште во Охрид;
- Гимназиите и основните училишта од 1913-1945;
- Општествено-политички организации, друштва и здруженија;
- Верски фондови на Источно-православната црква и Исламската верска заедница.
Од семејните фондови се издвојуваат фондовите на трговските фамилии Групчеви, Јованоски, Коцареви и други;
Од личните фондови како најзначајни можат да се издвојат: Бојаџиски Борис, писател – Охрид, Прличев Григор, поет – Охрид, Масин Фоти, свештеник – Охрид и др.
Одделението располага со читална со 6 места, опремена со еден апарат за копирање на архивски материјал. Архивскиот материјал може да се користи од 9 до 15 часот секој работен ден.
Одделение Прилеп
Tелефон: (++389 048) 424-192, тел/факс: (++389 048) 424-334
Работно време: 8:30-16:30 часот
Надлежност во општините:
- Прилеп
- Долнени
- Кривогаштани
- Крушево
- Македонски Брод
- Пласница
Архивот во Прилеп е основан во 1955 година. Подрачното одделение работи во стара адаптирана зграда со доградено депо, кое заради недостаток на средства не е довршено. Почетните облици на организирано собирање и заштита на архивскиот материјал се јавува веднаш по ослободувањето. При собирачката дејност до формирањето на подрачното одделение Прилеп ја обавува Народниот музеј во Прилеп во чии рамки постоело архивското одделение.
Одделението има надлежност на општините Прилеп, Долнени, Кривогаштани, Крушево, Македонски Брод и Пласница. Работи со 188 иматели на архивски материјал.
Одделението Прилеп располага со 540 фонда и 7 збирки. Поголемиот дел од архивската граѓа се однесува на периодот по 1944 година.
Позначајни фондови во ова Одделение се:
- „Градска општинска управа – Крушево“ (1941-1944 година);
- правосудните фондови (1914 – 1944) и 1945 до денес;
- „Училишни настојателства“ 1913-1941;
- фондовите на гимназиите, средните и основните учлишта за периодот 1914-1980 година;
- „Институт за тутун“ (1924 – );
- фондовите на верските установи на Православната црква од црковните општини и црквите (1872-1945) и
- фондовите на хуманитарните друштва (1919-1930).
Одделението располага со читална со работното време од 9 до 15 часот секој работен ден, а корисниците можат да бидат услужени и со копии од архивскиот материјал.
Одделение Струмица
Tелефон: (++389 034) 322-083
Работно време: 8:30-16:30 часот
Надлежност во општините:
- Струмица
- Берово
- Богданци
- Босилово
- Валандово
- Василево
- Дојран
- Ново Село
- Пехчево
Подрачното одделение Струмица е формирано во 1956 година. Со решение на Народен одбор на Општина Струмица број 6702 од 18.04.1956 година со назив Градски историски архив. Одделението работи во адаптирана зграда со читална. Работното време на читалната е од 9 до 15 часот. Корисниците може да бидат услужени со ксерокопиран архивски материјал.
Територијалната надлежност на ова одделение е на Струмица, Берово, Ново Село, Пехчево, Василево, Босилово, Валандово, Богданци и Дојран. Тоа работи со 225 иматели.
Одделението располага со 453 фонда и 8 збирки. Најстариот документ потекнува од 1882г. и му припаѓа на фондот Евангелско-методистичка црква.
Позначајни се фондовите за:
- Народноослободителните и народните одбори во територијална надлежност на Одделението (1944-1962);
- Банкарските, индустриските, земјоделско-шумарските, трговските и угостителските, сообраќајните и занаетчиските претпријатија и дуќани (1939-1959)
- Коморите и стопанските здруженија (1945-1962)
- Селските работни задруги (1947-1953) од Струмичка и Беровска околија
- Занаетчиите и трговците (1920-1951)
- Собранија на општините (1963-1990)
Од семејните фондови се издвојува фондот „Хаџи-Скерлеви” (1928-1958).
Одделение Тетово
Tелефон: (++389 044 332-209)
Работно време: 8:30-16:30 часот
Надлежност во општините:
- Тетово
- Боговиње
- Брвеница
- Врапчиште
- Гостивар
- Желино
- Јегуновце
- Маврово и Ростуше
- Теарце
Одделението Тетово нема посебна просторија за читална и за истражување, но архивската граѓа може да се користи од 10 до 15 часот. Корисниците на архивскиот материјал можат да користат услуги за ксерокс-копирање.
Одделението Тетово е формирано како “Историски архив за општините Тетово и Гостивар” во 1961 година, а денес територијалната надлежност опфаќа 9 општини: Гостивар, Тетово, Брвеница, Боговиње, Желино, Јегуновце, Теарце, Врапчиште, Маврово и Ростуше.
Одделението работи во адаптирана зграда и води грижа за 183 иматели на архивски материјал.
Во Одделение Тетово има вкупно 701 архивски фонд и збирки. Материјалот пред се се однесува на периодот по 1944 година, а помал е бројот на документи пред овој период.
Позначајни фондови и збирки се:
- градските општини и управи (1918-1941 година);
- народно-ослободителните, народните одбори и собранија (1944-1990);
- трговската, занаетчиската, угостителската и земјоделската комора (1945-1965) и
- првостепени, околиски и општински судови (1919-1972)
- политичките организации и здруженија (1945-1990).
Фондовите на основните и средните училишта се застапени од сите општини за кои е надлежно Одделението (1913-1986).
Верските фондови се од Православната црква (1887-1937) – архиерејски намесништва, црковни општини, цркви и манастири и од Исламската верска заедница (1930-1944) – вакафски поверенства и имамати.
Најстариот документ се наоѓа во Збирката документи на турски јазик од Тетовската каза (1705/1924) и датира од 1705 година.
Одделение Штип
Tелефон: ++389 032/ 391-337
Работно време: 8:30-16:30 часот
Надлежност во општините:
- Штип
- Виница
- Делчево
- Зрновци
- Карбинци
- Конче
- Кочани
- Лозово
- Македонска Каменица
- Пробиштип
- Радовиш
- Свети Николе
- Чешиново и Облешево
Одделение на Архивот во Штип е формирано во 1956 година. Од мај 1976 година Одделението работи во нова наменска зграда со читална. Тоа има надлежност врз општините: Штип, Карбинци, Свети Николе, Лозово, Пробиштип, Кочани, Чешиново-Облешево, Зрновци, Виница, Делчево, Македонска Каменица, Радовиш и Конче.
Работи со 275 иматели на архивски материјал. Читалната работи со корисници секој работен ден од 8 до 15 часот, а на корисниците може да им бидат изработени ксерокс-копии од архивскиот материјал што го поседува ова одделение.
Одделението располага со 523 фонда и 22 збирки. Најстарите документи што се среќаваат во фондовите и збирките во ова одделение потекнуваат од 1895 г., потоа архивски материјал од почетокот на 20 век, но најглавен дел е материјалот што е создаден по 1944 година.
Позначајни фондови со кои располага ова Одделение се:
- фондовите за народноослободителните и народните одбори – областен, околиски, градски, општински и месни (1944-1960) и
- судските фондови (1920-1990);
- Народен театар – Штип” (1923-1973) и
- фондовите за политичките организации, здруженија и друштва (1944-1990).
Најзначајните просветни фодови се: фондот “Реална гимназија – Штип” (1923-1940) и фондовите за средните и основните училишта.
Верските фондови се од Православната црква (1918-1948) – архиерејски намесништва, парохии, цркви и манастири и од Исламската верска заедница (1921-1946) – муфтиствата во Штип, Кочани и Радовиш.
Позначајни семејни фондови се: “Балванлиеви” (1894-1957), “Караѓозови” (1918-1924) и “Хаџи Кимови” (1900-1940).
Збирките се составени од биографии и мемоари на учесниците во НОБ од Штип (1939-1945), поткрепени со фотографии.