ЗАКОНСКИ ОДРЕДБИ ВО ПОГЛЕД НА ДОСТАПНОСТА И КОРИСТЕЊЕТО НА АРХИВСКИОТ МАТЕРИЈАЛ
Во согласност со Законот за архивскиот материјал, архивскиот материјал е достапен за користење најдоцна по истекот на 20 години од нејзиното создавање. Според тоа, најголемиот дел од архивскиот фонд на Република Македонија е достапен за користење.
По истекот на овој општ законски рок, на предлог на имателот Владата на Република Македонија може да определи подолги рокови за користење на архивскиот материјал, но не повеќе од 150 години од создавањето на материјалот (чл 21 став 2 од Законот).
Врз основа на ова законско овластување, Владата на Република Македонија во 1996 година ја донесе Уредбата за утврдувањето критериуми за подолги рокови за користење на архивскиот материјал (Службен весник на РМ, бр. 3/1996).
Со роковите утврдени во Уредбата се обезбедува потребната продолжена недостапност во користењето на оние документи, кои според својата содржина, доколку се користат во пократки рокови, би можеле да им наштетат на интересите на државата, на приватниот живот на граѓаните и на нивните права и слободи.
Документи што потпаѓаат под овие критериуми и рокови се следниве:
- документи што може да го нарушат суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Република Македонија – 75 години по нивното создавање;
- документи од доменот на одбраната и безбедноста на државата – 75 години по нивното создавање;
- документи за надворешната политика и дипломатските односи на државата – 75 години по нивното создавање;
- документи за геолошки и геодетски истражувања, објекти и капацитети од стратешко значење за државата – 100 години по нивното создавање;
- документи што претставуваат деловна тајна, технолошки усовршувања и иновации – 50 години по нивното создавање;
- документи што ги навредуваат националните чувства, ги ограничуваат правата и слободите на човекот на верско и политичко уверување; кои предизвикуваат национална и расна нетрпеливост и дискриминација – 100 години по создавањето (ако се за поединци – 20 години по смртта на лицето или 100 години по неговото раѓање);
- здравствени досиеја – 150 години по раѓањето на лицето;
- документи создадени во судска постапка, до 75 години по правосилноста на одлуката;
- документи што содржат доверливи информации за физички лица и за нивните наследници (силување, вонбрачно раѓање, посвојување, малолетничка деликвенција и сл.) – 150 години по создавањето на документот. (чл. 4 од Уредбата).
Подолгите рокови за користење на документите кои имаат својство на архивска граѓа, а кои потпаѓаат под критериумите од Уредбата, ги определува имателот за време на примопредавањето на граѓата меѓу имателот и Архивот. При примопредавањето имателот е должен во евиденциите за архивската граѓа да ги одбележи оние документи што имаат подолги рокови за користење и да определи дека по изминувањето на рокот документот може да се користи.
Документите што потпаѓаат под горните критериуми, по изминување на определените рокови, стануваат достапни за користење. Одобрување за користење на документите во пократки рокови од пропишаните со Уредбата, дава Владата на Република Македонија.
Роковите за продолжена достапност за користење на архивска граѓа што е создадена од физички лица и претставува нивна сопственост, ги определува самиот имател или неговите наследници. Тие можат по сопствена волја да ги намалат овие рокови.
Документите што потпаѓаат под критериумите пропишани со Уредбата, а имаат својство на документарен материјал со рокови на чување, се користат од самиот имател.
Врз основа на чл. 8 од Уредбата, директорот на Државниот архив на Република Македонија во 1998 година го пропиша Упатството за начинот и постапката за одбележување на документите со подолги рокови на користење (Службен весник на РМ, бр. 59/1998).
Со овој пропис подетално се регулирани начинот и постапката за одбележување на документите со продолжени рокови за користење, елементите на штембилот за подолги рокови на користење и др.
За време на предавањето на материјалот од страна на имателот на Архивот составен дел на записникот за примопредавање е списокот на документи со подолги рокови на користење (доколку такви има).
Во моментот на примопредавањето на архивскиот материјал Архивот може да ги преоцени роковите за продолжена достапност, во согласност со Уредбата, и во консултации и со согласност на имателот, да ги потврди, да ги намали или да не ги прифати. Доколку Архивот не ги прифати предложените рокови од имателот, документот станува достапен за користење во согласност со општиот рок за користење утврден во Законот за архивски материјал.
Со општиот законски рок и со роковите за одделни видови на документи содржани во Уредбата не се нарушува принципот на општа достапност за користење на архивска граѓа од целокупниот архивски фонд на Република Македонија, ниту се ограничуваат еднаквите права на сите корисници на архивски материјал.
Република Македонија е една од полибералните земји во поглед на достапноста и користење на архивскиот материјал имајќи во вид дека најголемиот дел од архивскиот фонд на државата е достапен за користење 20 години по нејзиното создавање.