ИСТОРИЈАТ НА ДРЖАВНИОТ АРХИВ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
Државниот архив на Република Северна Македонија е формиран во 1951 година. Од 1926 до 1941 година функционира Државен архив под непосредно раководство на Државната архива на Србија од Белград. Потребата од прибирање и заштита на архивската граѓа дојде до израз додека се уште траеше Втората светска војна, кога на 3 мај 1945 година Министерството за народна просвета ја обелоденува намерата за формирање на Архив на Нароослободителното движење на Македонија во состав на Народната библиотека во Скопје. Оваа иницијатива не е реализирана поради низа причини, но набрзо потоа, со решение бр. 2543 од 31 мај 1946 година Министерството за народна просвета на НР Македонија формира комисија за прибирање на архивска граѓа. Комисијата развила активности во ангажирањето на просветни работници за извршување на задачите околу иницирање и прибирање на архивска граѓа. Ваквиот начин на работа не можел да вроди со плод. Кон оваа дејност активно ќе пристапат во 1946 и 1947 година новооснованиот филозофски факултет и Институт за национална историја.
Во 1949 година при Централниот комитет на Комунистичката партија на Македонија е формиран Историски архив со задача да се бира и обработува архивски и мемоарски материјал во врска со работничкото движење, Народноослободителната војна и Комунистичката партија на Македонија. Фондовите што се чуваа во овој Архив денес се во депоата на Архивот на Македонија.
Донесувањето општ закон за државните архиви во Југославија во 1950 година, беше основа на 6 јануари, 1951 година Народното собрание на НР Македонија да го усвои Законот за државните архиви со кој беше поставено и создавањето на Архивот на Македонија (тогаш Државен архив на НР Македонија).
Првиот, во Република Македонија, нормативен акт од областа на архивското законодавство не само што го постави формирањето на Архивот на Македонија и неговите задачи, туку одреди и формирање на повеќе регионални архиви и архиви во состав со цел што поинтезивно да се собира, чува, заштитува и обработува архивскиот материјал кој се создава во институциите на новата држава, а уште повеќе да се зафатат кон собирање и заштита на архивски материјал што ќе послужи за проучување на историјата на македонскиот народ. Во периодот од 1953 до 1960 година основани се и отпочнуваат со работа и девет регионални историски архиви кои во 1990 година со новиот Закон на архивската граѓа влегува во составот на Архивот на Македонија како подрачни единици, и тоа: Битола, Куманово, Охрид, Прилеп,Скопје, Струмица, Тетово, Тито Велес и Штип.
Веднаш по формирањето, Државниот архив на Република Македонија пристапува кон формирање мрежа на архивски установи низ Република Македонија. Најнапред тоа се архивски средишта при Народните музеи, а подоцна тие прераснуваат во самостојни институции. Од 1990 година се врши интеграција на архивската служба во Македонија со што самостојните архивски установи низ Републиката стануваат подрачни одделенија.
Новата наменски изградена зграда е ставена во употреба од 1969 година.
Билатералната соработка, истражувањето и публикувањето се организирани само во централниот дел на Архивот. Во својот состав Државниот архив на Република Македонија има Лабораторија за козервација и реставрација и Лабараторија за микрофилмување.
Централниот дел на Државниот архив на Република Македонија има надлежност над создавачите и имателите на архивски материјал од републички ранг.
РАЗВОЈ НА АРХИВСКОТО ЗАКОНОДАВСТВО ВО МАКЕДОНИЈА
Паралелно со изградувањето на Република Македонија, изградувани се архивската служба и архивското законодавство. Во периодот 1945-1971 год. преовладува сојузното архивско право над републичкото. Првиот позначаен пропис е Законот за државните архиви од 1951 год., врз основа на кој се формираат Државниот архив на НР Македонија и 9 околиски архиви. Во 1965 год. е донесен Законот за архивската граѓа и архивите, според кој Државниот архив се преименува во Архив на Македонија, а околиските архиви во историски (меѓуопштински) архиви. Со овој пропис добро се регулирани прашањата: обврски на имателите; надлежности на архивите; предавање, откуп и користење на архивскиот материјал и сл. Во 1968 и во 1975 год. се донесени две упатства, со кои значително е унапредена практиката на одбирањето и евидентирањето на архивскиот материјал кај имателите.
Во 1973 год. е донесен Законот за архивската дејност. Со него се доразвива архивското законодавство, кое добива европски лик. Врз основа на Законот, во 1977 год. се донесени Уредба и Упатство за канцелариско и архивско работење на имателите. Како одраз на уставните реформи во Југославија и во Македонија, архивското законодавство на СР Македонија целосно се осамостојува и засилено се развива.
Паралелно со осамостојувањето на Република Македонија се изградува и современо архивско законодавство. Во 1990 год. е донесен Законот за архивската граѓа (изменет и дополнет во 1995 год.). Во согласност со Законот, извршени се следниве промени: подобрен е статусот на архивскиот материјал; Државниот архив на Република Македонија се трансформира во интегрирана управна организација со 9 подрачни одделенија, кои го губат својството на правно лице; воспоставени се единствено управување, финансирање и кадровска политика; создадена е архивска инспекција. Имателите се должни да вршат редовно одбирање и евидентирање на архивскиот материјал и во таква состојба да му го предаваат на Архивот. Општите рокови за предавање на материјалот и за неговата достапност се 20 год. по создавањето. Со тоа Р Македонија се вбројува меѓу полибералните земји.
Врз основа на Законот, во периодот 1996-2005 год. се донесени неколку уредби и упатства, со кои се регулираат следниве прашања: канцелариското и архивското работење на имателите; заштитата на материјалот во воена и вонредна состојба; продолжените рокови за достапност и користење на материјалот; методологијата на стручната работа во организационите единици на Архивот итн.
Основна карактеристика на македонското архивско право е што претставува разработен и заокружен нормативен систем. Архивското законодавство значително влијаело и влијае врз унапредувањето на архивската практика, како кај имателите така и во Државниот архив. Тоа денес ги следи светските тенденциии, особено во поглед на меѓународните архивистички стандарди и електронските документи.