Македонската кинематографија (1947 – 1991)
По Втората светска војна, настануваат големи политичко-економски промени во Македонија. Тоа се одразува и на културата – на нејзиното создавање, намена и восприемање од страна на публиката. Филмот е еден од приоритетите на новата Влада и претставува погодна алатка за воспоставување и прифаќање на новиот општествен поредок. Се создаваат институции и тела кои ги регулираат и организираат производството, прикажувањето и дистрибуцијата на филмови. Се создава нова кинематографија, домашна, македонска, се обликува и едуцира нова публика. Публика која ќе умее да ги чита и разбира естетиката, наративите и кодовите на таа нова кинематографија.
Така, во новоформираната (Народна / Социјалистичка) Република Македонија се создава нова, автохтона институнационализирана кинематографија која патем остави и писмена трага во Државниот архив која ја гледаме преку зачуваните фондови како што се: „Комисија за кинематографија при Влада на НРМ“, „Здружение на самостојните филмски автори и соработници на Македонија – Филмско студио – Скопје 1968/1975“, фондот „Градски кина“, фондот „Републички секретаријат за култура во СР Македонија“, фондот „ЦК на Сојузот на комунистите на Македонија“ и многу други.
Сите тие најдоа свое место во изложбата „Македонска кинематографија (1947 – 1991), која практично е кратка сторија за развојот на македонската кинематографија до 1991 г. и е подготвена во соработка со Кинотеката на Република Северна Македонија, каде е поставена како постојана постановка.