ЛИЦАТА НА ВОЈНАТА (1914-1918)

СЕЌАВАЊЕ ЗАРАДИ ПАМЕТЕЊЕ

Во светскиот судир познат како Прва светска војна, Европската или Големата војна, кој траел четири години од летото 1914 г. до есента 1918 г., учествувале повеќе од триесет држави, а биле мобилизирани околу седумдесeт милиони луѓе. Сигурно околу десет милиони ги изгубиле животите, а уште дваесет милиони војници биле осакатени. Не постојат точни податоци за милионските жртви меѓу цивилите.

Војната била предводена од двете големи коалиции и нивните сојузници: Антантата (Франција, Велика Британија, Русија, Италија, Романија, Србија и Грција) и Централните сили (Германија, Австро-Унгарија, Турција и Бугарија). Таква војна историјата на човештвото дотогаш не паметела, но од нејзината мрежа Македонија и нејзиното население не успеале да се измолкнат. Впрочем, наспроти државите што војувале за доминација, македонскиот народ и припадниците на другите народи од Македонија војувале во војските на државите, за интереси што за нив немале никакво значење.

Во 1915 година се формирал Македонскиот фронт (во должина од 450 км на територијата од Охридското Езеро до Орфанскиот Залив на Егејското Море), на кој до крајот на 1918 г. се регрутирале и гинеле војници од најсилните светски армии: германски, бугарски, француски, англиски, австроунгарски, руски, српски, црногорски; се формирале логори за заробеници, болници за ранети и никнувале гробишта на загинати. На Македонскиот фронт војувале повеќе од еден милион војници, од кои 150.000 загинале, 330.000 биле ранети, а 100.000 исчезнале. Се воделе голем број тешки битки како оние на Црна Река, Горничево, Кајмакчалан, Добро Поле и Дојран, кој заедно со градот Битола биле речиси целосно разурнати од постојаните гранатирања на двете спротивставени страни.

Македонија се претворила во територија на која се спроведувале правилата и принципите на завојуваните држави, но истовремено и поле од каде што постојано се искористувале човечки животи (повеќе од 65.000 лица во состав на српската армија, околу 130.000 лица во состав на бугарската армија и 20.000 лица во состав на грчката армија).

Големата војна оставила огромни последици на македонската територија. Се уништувале стопанството, трговијата, просветата, но најмногу населението, кое било жртва на бојните полиња, на многуте болести и на масовните мигрирања за зачувување на животот.

За да не се заборават судбините на нашите предци, Државниот архив на Република Македонија под покровителство на претседателот на Владата на Република Македонија ја организира изложбата „Лицата на војната: Македонија и Македонците во Големата војна 1914-1918 година“. Државниот архив преку изложбата за првпат прикажува фотографии и документи од архивските фондови на српската и на бугарската управа до 1918 г., но и лични архивски фондови како што се: „Прва светска војна (1914-1918)“ (микрофилмови), „Милтон Манаки“ (фотографии), „Министерство за надворешни работи на Кралство Србија – Белград (1839-1918)“, „Кралско српско пратеништво – Лондон (1879-1918) „Македонска воена инспекциска област (1915-1918)“, „Деветти етапен полк, I Баталјон, Велес (1915-1918), „Деветти етапен полк, II Баталјон – Скопје (1915-1918), „Министерство за надворешни работи на Велика Британија (Foreign Office)“ итн.

Државниот архив, низ 60 изложбени паноа со повеќе од 200 фотографии и 300 документи со изложбата се обиде да ги постави и одговори на прашањата како:

  • Зошто да паметиме? Затоа што паметењето е исклучиво човечка особина.
  • На што да се сеќаваме? На судбините на нашите предци и на нивната надеж, која беше како сон што чекори, затоа што нивната душа останува жива доколку се сеќаваме на неа.
  • Која е целта на изложбата? Да се прикажат судбините на Македонците во Големата војна. Да се оживее сеќавањето за жртвите што ги поднесе македонскиот народ.
  • Што е прикажано на изложбата?
  • Почетокот на Првата светска војна;
  • Лицата на војната;
  • Мобилизацијата и регрутацијата на Македонците од страна на Србија и Бугарија;
  • Албанската голгота;
  • Македонската воено-инспекциска област и административната поделба;
  • Македонскиот (Солунски) фронт – повод за заедничко сеќавање за битките на територијата на Македонија и за пробивот на фронтот;
  • Судбините и храброста покажана на фронтот – кога беше најтешко да се опстане во заднината на војната, човечки беше да се покаже својата храброст во секојдневието;
  • Жената и војната, независно од возраста и националната припадност; жената преку хуманитарната работа, женските права, еманципацијата и феминизмот, жената во заднината, во тогаш формираните болници, амбуланти, жената во добротворните друштва, жената како инвалид, вдовица, самохрана мајка, глава на семејството, работничка, земјоделец итн.;
  • Странските армии – српски, бугарски, француски, германски, италијански, австроунгарски, воените заробеници и бегалци;
  • Свештенството и неговата улогата на фронтот и во секојдневениот живот;
  • Последиците низ целиот период и по Големата војната – воените сирачиња, вдовици, инвалиди, загинати и исчезнати Македонци, урнатините од бомбардирањата, грабежите на културното наследство, уништените имоти, растурените семејства итн.;
  • Воените гробишта и грижата за нив;
  • „Создавањето меморија“ – одбележувањето на годишнините, градењето на споменици и капели, формирањето здруженија за чествување на жртвите од Големата војна.

Паметењето тежи, но и да се справиш со него е исто толку тешко. Меморијата за војната е апсолутно важна за сите тогаш засегнати директни и индиректни учесници, кои заслужуваат да бидат прикажани онака како што ги забележала официјалната документација. Мерна единица на хуманоста на општество е односот на луѓето спрема зачувувањето меморија за учесниците во ослободителните борби, во војните, за жртвите на репресиите итн.

Војната полека ја напушта живата меморија, па затоа Стогодишнината од Големата војна како и документацијата од Државниот архив нека нè потсетуваат дека секој човечки живот е важен, индиректно или директно вклучен во настаните.

 

Превземи: ИЗЛОЖБА: „ЛИЦАТА НА ВОЈНАТА: МАКЕДОНИЈА И МАКЕДОНЦИТЕ ВО ГОЛЕМАТА ВОЈНА (1914-1918)“

Автор: д-р Јасмина Дамјановска
Графички дизајн: м-р Јован Стојановски
Лектура: Маргарета Карајанова

Благодарност за соработката до:
Државен архив на Република Македонија – Одделение Битола;
Воен музеј на Република Македонија;
Завод за заштита на спомениците на културата и Народен музеј – Штип;
Министерство за култура на Република Франција
и до сите оние што на каков било начин беа вклучени и дадоа свој придонес за подготовка на изложбата.