РУСИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА (1920-1940 г.)
Октомвриските настани пред 100 години во Русија предизвикале хуманитарна криза – егзодус, според едни податоци, на 1,5 милиони Руси, според други – на 5 милиони. Македонскиот народ, кој не само од зборување знаел што значат маки и тешкотии, не останал настрана од страдањата на руските бегалци. Македонската земја им дала закрила на дел од нив: на некои – привремено, на некои – засекогаш. Бидејќи поголемиот број од дојдените Руси бил високообразован кадар, тие го пополниле „вакуумот“ што се создал како резултат на трите војни. Општата констатација на Македонците била следната: „Во деновите кога нам, за нашата нова културна и просветна дејност, ни беа најпотребни способни и просветени луѓе, присуството на интелигенција од братска Русија беше за нас, навистина, добредојдено. Иако тие, по злото во својата земја, не би дошле кај нас, ние би морале да ги поканиме.
Илјадници празни одговорни службени места бараа луѓе, на чија совест, љубов и способности со сигурност би можело да се потпре. На кого, при недостаток на наши луѓе, би можело да се доверат растењето и воспитувањето на новите генерации, организирањето и водството на различни работи во болници, фабрики, стопанства итн., ако не на нив, најсродните, најблиските?“ (весник „Скопски гласник“. 1931 година, бр. 142). Така, се формирале и се негувале чувства на двострана благодарност и признание на Македонците и на Русите, на кои Македонија им станала нивен дом. За жал, после Втората светска војна, поради различни околности, настапил и сè уште (со мали исклучоци) трае периодот на „заборав“.
Сто години од почетокот на исходот на Русите и губењето на нивната татковина, која останала само во нивните срца, е повод за потсетување на пројавената човечност од страна на Македонците, и тоа во најтешките повоени години, а, исто така, и за придонесот на руските имигранти во напредокот на македонската земја. Тргнувајќи од таа хуманистичка идеја, Државниот архив на Република Македонија, Институтот за национална историја, Музејот на македонската борба, под покровителство на ректорот на УКИМ, г. Никола Јанкуловски, ја презентираат изложбата на документи и фотографии „Русите во Македонија (1920–1940 г.)“.
Изложбата дава претстава за животот на руските имигранти во Македонија (посебно значење во овој контекст имаат материјалите од семејните архиви на потомците на руските имигранти) и за дејноста на руските научници, професори, архитекти, ликовни уметници, лекари, артисти. „Обновувањето“ на меморијата од таков тип ја истакнува човештината, а сочувството е, според зборовите на Фјодор Достоевски, највисоката форма на човечкото постоење.