КОРИСТЕЊЕ НА АРХИВСКИОТ МАТЕРИЈАЛ ВО ДРЖАВНИОТ АРХИВ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

Врз основа на овластувањето од Законот за архивски материјал, директорот на Државниот архив на Република Северна Македонија донесува Правилник за општите и посебните услови за користење на архивски материјал во Архивот.

Со Правилникот се регулираат условите за користење архивскиот материјал од страна на државни, научни, стручни и други организации и граѓанско-правни и физички лица (корисници). Во согласност со Законот, овој правилник и други прописи, архивскиот материјал во Архивот е достапен за користење за државни, научни и други цели под еднакви услови.

Во Државниот архив може да се користат: копии и документи од архивските фондови и збирки со кои располага Архивот; микрофилмови и копии од архивска граѓа; научно информативни средства за фондовите и збирките и библиотечен материјал.

Странските државјани може да го користат архивскиот материјал во согласност со Законот, овој Правилник и Правилникот за престој на странци во Државниот архив.

Во Правилникот се потврдуваат општиот законски рок за користење на архивскиот материјал (20 години по неговото создавање), односно спогодбено утврдените рокови меѓу имателот и Архивот, како и подолгите рокови за користење пропишани од страна на Владата на Република Северна Македонија. Доколку имателот што го предал сопствениот материјал на Архивот не ги утврдил роковите, начинот и условите за неговото користење, тоа го определува Архивот.

Архивот нема да дозволи користење архивски материјал ако неговото ползување не е во согласност со постојните прописи, ако со тоа би се открила државна или службена тајна или би се повредиле личните интереси и права на граѓаните. Користењето на материјалот може да се одложи и според критериумите за подолги рокови на користење, пропишани од Владата. Привремено не може да се користи архивскиот материјал, на кој не му се утврдени роковите, начинот и условите за користење од страна на имателот и Архивот, потоа архивистички несредениот и физички оштетениот архивски материјал.

Оригиналниот архивскиот материјал и одделни документи од особено историско и културно значење не се дава на користење во оригинален облик, освен во исклучоци, кога неговото користење го бараат државните, научните и културните институции (за вештачење на суд, експертизи и сл.).

Библиотеката на Државниот архив располага со околу 11000 изданија, од кои 881 се раритетни книги. Старословенски и црковни ракописи се 35, создадени во периодот од XIII до XXвек.

Која е визијата на ДАРСМ?

Државниот архив согласно своите функции дадени со закон, е надлежен за чување и заштита на архивскиот материјал создадена во работата на: Собранието на РМ, Владата на РМ, Државните органи, единиците на локална самоуправа и други правни и физички лица на РМ. Визијата на ДАРМ е депонираниот материјал да го среди согласно архивските стандарди, да го заштитува и чува со цел за што подобро користење од страна на корисниците на архивски материјал (правни и физички лица) и по потреба да го публикува. Исто така визијата на Државниот архив е да го чува и заштитува архивскиот материјал кој е од историски, културен и сличен интерес за Република Македонија, додека постојана заложба е граѓаните во најкраток можен рок да дојдат до бараната информација.

Кои се нашите корисници?

Наши корисници се сите правни и физички лица на Република Македонија.

Кои се нашите заложби и обврски кон граѓаните?
  • Промоција и заштита на правото на граѓаните за слободен пристап до информации од јавен карактер.
  • Зголемување на довербата помеѓу граѓаните и Државниот архив како управна организација и сервис на граѓаните.
  • Промоција и заштита на загарантираните човекови права и јакнење на принципот на владеење на правото на РМ.
  • Имплементација на меѓународните и европските стандарди од областа на архивистиката.
Ние ги даваме следните услуги:

а) Барања од граѓаните од имотно-правен карактер;
б) Барања за работен стаж;
в) Барања за увид во архивски материјал за научно истражувачка работа;
г) Барања – увид во досиејата водени од службата за државна безбедност;
д) Барања – увид во досиејата од КПУ Идризово;
ѓ) Барања за архивски материјал (документација) депониран во Државниот архив, согласно Законот за архивски материјал.

Стандарди за квалитет на доставените услуги

а) Барања на граѓаните од имотно – правен карактер, Државниот Архив одговара за 10 дена;
б) Барања за работен стаж, Државниот Архив одговара за 10 дена;
в) Барања за научно-истражувачка работа, Државниот Архив одговара за 2 дена;
г) Барања – увид во досиејата водени од службата за државна безбедност, Државниот Архив одговара за 3 дена;
д) Барање – увид во досиејата од КПУ Идризово, Државниот Архив одговара за 3 дена;
ѓ) Барања за документација депонирана во Државниот архив, согласно Законот за архивски материјал, (одговор зависно од документот кој се побарува од 10 до 30 дена).

Информации во врска со користење на архивски материјал:
М-р Ирфете Ибраими, советник
тел.: 076/485180
mail: irfete.ibraimi@arhiv.gov.mk