Меѓународна соработка и истражување
Во рамките на меѓународната соработка и со цел да се дополнат архивските фондови со кои располага Државниот архив на Република Северна Македонија, се остварува истражувачка дејност за пронаоѓање, евидентирање и копирање на документите што се од значење за историјата на македонскиот народ и Македонија, а кои се наоѓаат во приватна сопственост кај имателите во Република Македонија или се чуваат во странските архиви.
За таа цел Државниот архив на Република Македонија од осамостојувањето во 1991 година и со нејзиното прифаќање како рамноправен член на меѓународната заедница па се до денес има склучено повеќе договори за соработка со архивски институции во странство.
Со некои архивски институции Државниот архив на Република Македонија ги има обновувано договорите за соработка.
Овие Договори овозможуваат размена на архивски стручњаци, со цел размена на искуства за организацијата на работата на архивите (заштита, обработка и користење на архивската граѓа, микрофилмување, конзервација, реставрација, дигитализација и сл.), реализирање на истражувања и размена на копии на архивска граѓа, разменување на публикации (зборници на документи и стручна и научна литература), организирање на стручни и научни советувања и архивски изложби, издавање на заеднички или поединечни зборници на документи за историските односи меѓу договорните страни и слично.
Во земјава истражувањето се изведува со ангажирање на архивисти од Државниот архив. Со имателите на архивска граѓа се води преписка, се остваруваат лични контакти и се договараат условите под кои може да му се предаде архивската граѓа на Државниот архив.
- Во септември 1992 година во Монтреал – Канада Државниот архив на Република Македонија е примен во Меѓународниот архивски совет (International Council on Archives – ICA), како член од А категорија. Во Меѓународниот архивски совет членуваат повеќе од 1400 институции од околу 190 земји од цел свет. Меѓународниот архивски совет соработува со УНЕСКО и со други сродни меѓународни организации и реализира архивистички проекти спонзорирани од Советот на Европа и Европската Унија;
- На 6 декември 2010 година Државниот архив на Република Македонија стана член на ICARUS (International Centre for Archival Research – Меѓународен центар за архивско истражување), соседиште во Виена, Австрија. ICARUS е заедничка платформа на Централноевропските архивски институци која што овозможува взаемна поддршка за технички прашања и има повеќе од 100 членки