Во периодот од 26 до 29 септември 2015 година, во Рејкавик – Исланд се одржа Третата годишна конференција на Меѓународниот архивски совет.
Државниот архив на Република Македонија на оваа Конференција беше претставуван од директорот, д-р Филип Петровски.
Третата годишна конференција се одржа во Хилтон Рејкјавик Нордика хотелот и беше организирана од Меѓународниот архивски совет и Националниот архив на Исланд. Главни спонзори на Конференцијата беа Ancestry (најголем извор во светот за пребарување на семејна историја, со седиште во Јута, САД, основана во 1983 година, која заедно со повеќе архиви од светот работи на дигитализација на историските документи), FamilySearch (невладина, непрофитна организација од Јута, САД, која овозможува on-line пристап до податоци од матични книги од целиот свет), Министерството за образование и наука на Исланд и градот Рејкјавик.
Помеѓу сесиите и работилниците на Конференцијата можеше да се посети саем на кој беа присутни како изложувачи повеќе организации и компании од областа на дигиталната технологија, кои ги промовираа своите производи, односно софтверски програми. Меѓу присутните на саемот беа: GoPro, Ancestry, FamilySearch, Zeutchell, Preservica, Pigl, One Systems и други.
На Конференцијата беа присутни вкупно 480 делегати од 75 држави од цел свет.
За време на Конференцијата, учесниците го посетија Националниот архив на Исланд, каде што им беше презентирана историјата на Архивот и начинот на работа во Националниот архив.
Главна тема на Третата годишна конференција беше: Архивите – Евиденција, безбедност и граѓански права / Овозможување на веродостојни информации.
Во Хилтон Рејкјавик Нордика хотелот се реализираа работните сесии и работилниците, предвидени во програмата за Конференцијата. Тие се однесуваа на повеќе теми, меѓу кои: Информациите и модерното општество, Информациите и граѓанските права, Безбедноста на информациите и нивната заштита.
Оваа Конференција беше исклучителна и несекојдневна можност на едно место да се сретнат претставници од архивите во целиот свет, да се разменат идеи за архивското работење, но и за улогата на архивите во општеството и нивното промовирање, како и да се добијат информации за најновите софтвери, техники и опрема што се користи при дигитализацијата во архивите.
Д-р Филип Петровски ја искористи оваа можност за да оствари повеќе контакти и да договори повеќе проекти со архивите од нашето потесно опкружување, но и со останатите архиви.