ДОГОВОР ЗА СУКЦЕСИЈА
Договорот за прашањата за сукцесија на поранешна СФРЈ, потпишан во Виена на 29 јуни 2001 година, стапи во сила на 2 јуни 2004 година, после неговата ратификација од страна на сите држави сукцесори.
Составен дел на Договорот е и Анексот Д коишто го регулира прашањето за сукцесија на архивската граѓа.
Анекс Д
Архиви
Член 1
(a) За потребите на овој Анекс, терминот “Државна архивска граѓа на СФРЈ” се однесува на сите документи, без оглед на датумот или видот и сегашната локација, настанати во СФРЈ или примени од страна на СФРЈ (или било која претходна конститутивна структура на југословенската држава од 1 декември 1918 година) во процесот на извршувањето на нејзините функции, а која на 30 јуни 1991 година припаѓала на СФРЈ во согласност со нејзиното внатрешно законодавство и во согласност со сојузниот закон за архивска граѓа на Федерацијата, чувани според него или под негова контрола за било какви потреби.
(b) За потребите на овој Анекс, терминот “Републичка или друга архивска граѓа” се однесува на архивската граѓа на која и да е држава, во нивната некогашна улога на конститутивни републики на СФРЈ или на нивните територијални, односно административни единици и се однесува на сите документи од било кој датум или вид, без оглед на тоа каде се наоѓаат, кои што се настанати или примени од било која од овие републики или територијални, односно административни единици, во процесот на извршувањето на нивните функции и коишто на 30 јуни 1991 година им припаѓале на нив во согласност со важечките закони и биле во согласност со законот за архивска граѓа на секоја Република, чувани според него или под негова контрола за било какви потреби.
(c) Терминот “Документи” во претходните ставови го вклучува филмот, аудио и видео ленти и други записи, како и секаков вид на компјутеризиран запис, вклучувајќи ги и документите кои го сочинуваат културното наследство.
Член 2
Ако Републичката или другата архивска граѓа е пренесена од републиката на која и припаѓа или ако Државната архивска граѓа на СФРЈ е пренесена од нејзината вистинска локација, истата врз основа на одредбите од овој Анекс и меѓународните начела за провениенција, од страна на државата која во моментот има контрола над неа, ќе биде вратена што побргу на нејзината вистинска локација.
Член 3
Дел од Државната архивска граѓа на СФРЈ (административни, регистратурски и архивски документи), потребен за нормално управување на територијата на една или повеќе држави, треба да се предаде, согласно начелото на функционална пертиненција, на соодветните држави без оглед на тоа каде се чува таа архивска граѓа во моментот.
Член 4
a) Дел од Државната архивска граѓа, која што претставува група на граѓа што
- се однесува директно на територијата на една или повеќе држави, или
- која настанала или е донесена на територијата на една или повеќе држави, или
- се состои од државни договори кои се чуваат во СФРЈ и се однесува само на работите поврзани со територијата или институциите кои имале седиште на тие територии, на една или повеќе држави, треба да им се предаде на тие држави, без оглед на тоа каде се чува во моментот таа архивска граѓа.
b) Во очекување на поделбата на Државната архивска граѓа, според овој член
- на Република Македонија треба да и се предаде оригиналот од Договорот за проблемите на водостопанството меѓу СФРЈ и Грција, потпишан во 1959 година (Сл.весник на СФРЈ бр. 20, 4 јуни 1960 година) и Договорот за чување и обновување на граничните ознаки на југословенско-грчката граница, со цел заштита, спречување и решавање на пограничните инциденти (Сл.весник на СФРЈ бр. 20, 26 февруари 1959 година).
- оригиналниот текст или заверени копии од Осимскиот договор и Осимската спогодба од 1975 година и сите поврзани договори, архивска граѓа и подготвителни работи што се однесуваат на нивните преговори и нивното спроведување, да им се стават на располагање на Хрватска и Словенија, со цел да им се овозможи со целосно владеење на таа граѓа да преговараат со Италија во врска со последиците кои овие договори ги имаат на нивните држави.
Член 5
Ако согласно со членот (3) или (4) архивската граѓа треба да припадне на повеќе од една држава, тие држави ќе се договорат која од нив ќе го добие оригиналот и ќе им овозможи на другите да направат копии.
Член 6
a) Во врска со Државната архивска граѓа на СФРЈ, која не е предмет на разгледување во членовите 3 и 4, државите со спогодба која ќе се постигне во рок од 6 месеци од денот на стапување во сила на овој Договор, ќе ја утврдат нејзината правилна распределба помеѓу нив или задржување како заедничко наследство на државите кои ќе имаат слободен и непречен развој до неа. Ако не се постигне таква спогодба, архивската граѓа ќе стане заедничко наследство. Во двата случаи, секоја држава може да изработи копии од соодветната архивска граѓа, а трошоците праведно ќе се поделат.
b) Спогодбата за којашто станува збор во параграфот (а) ќе ги земе во предвид сите релевантни околности, каде што е вклучено и настојувањето што е можно повеќе да се почитува принципот на целината на фондовите на државната архивска граѓа на СФРЈ, за да се олесни нејзината целосна достапност и истражувањето на фондовите. Почитувањето на целината на архивските фондови не го одредува однапред прашањето за тоа каде треба да се чува одреден архивски фонд. Министерствата или одделенијата кои во одделна држава се одговорни за архивите, во рок од 24 месеци од стапувањето во сила на овој Договор, треба да ги идентификуваат фондовите и меѓусебно да ги разменат списоците на архивските фондови на кои се однесува овој принцип, а потоа во следниот период од три месеци да се усогласат во единствен таков список. Тие, исто така, во наредните 24 месеци од стапувањето во сила на овој Договор треба да ги утврдат и разменат меѓу себе, списоците на архивската граѓа на која може да се применат членовите 3 и 4.
Член 7
Во очекување на спроведување на овој Договор, ќе се овозможи слободен и непречен пристап на претставниците на заинтересираните страни до Државната архивска граѓа на СФРЈ, датирана со 30 јуни 1991 година или пред тоа. Овој пристап се однесува и на Републичката и друга архивска граѓа (освен тековната архивска граѓа) што се чува во соодветните земји.
Член 8
Републичката и друга архивска граѓа е сопственост на соодветната држава и не е предмет на одредбите на овој Анекс, освен на членовите 1, 2 и 7.
Член 9
Приватните архиви не се предмет на одредбите на овој член. Тие што им беа одземени на сопствениците по 1 декември 1918 години, треба да се вратат во согласност со меѓународните начела за провениенција според местото на настанување или на сопствениците, без било каков надомест или други услови.
Член 10
Онаму каде што на 30 јуни 1991 година биле во сила билатерални државни договори, што ги склучила СФРЈ и тие договори сеуште не се реализирани, државите заинтересирани за таа архивска граѓа се спремни да ги преземат правата и обврските што претходно и припаѓале на СФРЈ, а се во врска со остварувањето на овие договори.
Член 11
a) Сегашниот имател на оригиналот на архивската граѓа што треба да се пренесе согласно со овој Анекс, може да изработи копии од неа.
b) Трошоците за изработката на копиите согласно со членовите 5 и 11 треба да бидат предмет на натамошниот договор на соодветните држави.
c) Трошоците за транспорт на архивската граѓа настанати согласно со овој член, треба да ги сноси преземачот.
d) Сегашниот имател на архивската граѓа што треба да се транспортира или копира согласно со овој Анекс, треба во најголема можна мерка да придонесе кон намалување на тие трошоци.
e) Државата која што ја дава архивската граѓа на располагање заради копирање, треба да обезбеди најдобар расположив документ за копирање и да им овозможи слободен и рамноправен пристап на сите држави кои сакаат да направат копии.
f) Државата која ги поседува оригиналните документи кои претставуваат дел од Државната архивска граѓа на СФРЈ треба на корисникот кој ќе го искаже својот интерес да му овозможи пристап до документите за изработка на заверени копии, потребни како доказ, доколку копијата достапна во друга држава не е употреблива за неговите легитимни потреби.
Член 12
Во рок од 3 месеци од датумот на стапување во сила на овој договор треба да се состанат претставниците на министерствата или на одделенијата надлежни за архивската граѓа на соодветните држави и да пристапат кон што побрзо спроведување на овој Анекс.
Установениот заеднички комитет основан во согласност со членот 4 од овој договор, треба да го организира таквиот состанок и да спроведе почетен општ надзор за реализација на овој Анекс.