На 2 јуни 2015 година во Белград, д-р Филип Петровски, в.д. директор на Државниот архив на Република Македонија имаше средба со г-дин Ранко Милиќ, началник на Одделението за административни и архивски работи во МНР на Р. Србија. Оваа средба беше организирана на иницијатива на Државниот архив на Република Македонија, а во врска со имплеметацијата на Анексот Д од Договорот за Сукцесија на поранешна СФРЈ, кој се однесува на прашањата за сукцесија на архивската граѓа.
На состанокот со господинот Ранко Милиќ, д-р Филип Петровски истакна дека врз основа на Договорот за сукцесија и Анексот Д од истиот, прашањата околу поделбата, односно дигитализацијата на архивската граѓа, создадена во периодот од 1 декември 1918 година до 30 јуни 1991 година, што се смета за заедничко архивско наследство на сите поранешни републики на СФРЈ, треба да се интензивира и дека според Анексот Д, на Република Македонија треба да и припаднат и некои оригинали.
На 3 јуни 2015 година, исто така во Белград, д-р Филип Петровски оствари средба со в.д. директорот на Архивот на Југославија, г-дин Миладин Милошевиќ. На таа средба уште еднаш беше повторена иницијативата за интензивирање на имплементацијата на Анексот Д од Договорот за сукцесија и беше разговарано за начинот на реализација на Договорот за соработка меѓу Државниот архив на Република Македонија и Архивот на Југославија, потпишан на 11 ноември 2015 година.