NOVOto-LOGO

Celebrating April 1, the day of the establishment of the State Archive of the Republic of Macedonia

На 1 април 2018 година, Државниот архив на Република Македонија одбележува 67 години од своето формирање.

На 23 јануари 1950 година е донесен првиот Општ закон за државните архиви во Југославија, а потоа, на 6 јануари 1951 година, Народното собрание на НР Македонија го донесе Законот за Државни архиви. Со тоа Македонија го доби првиот Закон за архивска служба. Врз основа на Законот на 1 април 1951 година е формиран Државниот архив на НР Македонија (денес Државен архив на Република Македонија).

Во периодот 1951-1962 година е комплетирана мрежата на околиски архиви во Скопје, Охрид, Битола, Прилеп, Куманово, Велес, Штип, Струмица и Тетово. Во периодот 1965-1990 тие дејствуваат како меѓуопштински архиви, под името Историски архиви. Од 1990 до денес тие се Подрачни одделенија во составот на Државниот архив како единствена управна организација.

Формирањето и развитокот на Државниот архив се одвива паралелно со создавањето и развитокот на Република Македонија.

Државниот архив во прво време се среќавал со бројни објективни проблеми: немање простор за депоа, несреденост на фондовите кај имателите, отсуство на стручен кадар, неразвиена методологија итн. Меѓутоа, како резултат од залагањето на првата генерација на раководители и архивисти, доаѓа до развој на архивската служба на Македонија. Донесени се неколку архивски закони и бројни уредби и упатства со кои се регулира канцелариското и архивското работење на имателите и работата во Архивот. Развиена е методологијата на стручната работа кај имателите и во Архивот. Како резултат на работењето на Инспекциската служба од имателите во Архивот сè повеќе се прима одбран и среден архивски материјал со описи и пописи. Во Архивот се средени и обработени бројни фондови и збирки, за нив се изработени научноинформативни средства, кои се внесени во електронските бази со податоци и може лесно да се пребаруваат и да се користат од научните истражувачи и граѓаните на Република Македонија. Државниот архив разви богата меѓународна и билатерална активност и оствари бројни архивски истражувања во странски архиви. Забележителна е издавачката дејност на Државниот архив која брои неколку стотини публикации (монографии, зборници на документи итн.).

Државниот архив ги следеше и соодветно реагираше на општествените промени во периодот на постоење на самостојна и независна Република Македонија. Со имплементација на меѓународните и европските стандарди од областа на архивистиката, Државниот архив на Република Македонија прерасна во модерна институција. Со програмската ориентација успева да одговори на современите општествени потреби и научни дострели како и на многубројни барања на граѓаните на македонската самостојна и суверена држава. Заложби и обврски на Државниот архив кон граќаните се: промоција и заштита на правото на граѓаните за слободен пристап до информации од јавен карактер; зголемување на довербата помеѓу граѓаните и Државниот архив како управна организација и сервис на граѓаните; промоција и заштита на загарантираните човекови права и јакнење на принципот на владеење на правото на РМ и имплементација на меѓународните и европски стандарди од областа на архивистиката.

Државниот архив на Република Македонија денес e современа архивска институција со статус и ингеренции на државен орган со вкупно 269 вработени. Најстариот документ што се чува во Архивот потекнува од 12. век (Евангелието на Св. Апостол Лука).

Во Државниот архив се чуваат 7.769 фонда, 68.369 архивски книги, 1.864 класери и 382 збирки или 113.087 архивски кутии материјал. Во Архивот има 11.208.450 снимки микрофилмуван архивски материјал, а микрофиши во негатив има вкупно 5.050 со 130.480 снимки.

Според последните податоци во Државниот архив се чуваат 13.427 метри должински материјал.

Во изминатиов период на работа и постоење Државниот архив на Република Македонија целосно го оправда своето постоење и се докажа и афирмира како важен столб на македонскиот идентитет, самобитност и државност.

Нека ни е честит 1. април, денот на Државниот архив на Република Македонија.

Latest posts