Во рамки на одбележувањето на Архивската недела 2026, која годинава се одржува од 8 до 12 јуни под мотото „Архивите за правда: Архивите како активна сила за правдата, меморијата и иднината“, денес во НУ „Музеј на тетовскиот крај“ беше промовирана книгата „Османлиски документи за историјата на Македонија – попис на христијанското население од Скопски санџак, Тетовска каза, 1838/1839 година“ од доц. д-р Аднан Шериф.
За изданието говореа промоторите доц. д-р Бранислав Светозаревиќ и доц. д-р Армен Жарноски, кои ја нагласија неговата научна и историска вредност за проучувањето на минатото на Македонија. Авторот Шериф, кој повеќе од 25 години ги истражува архивските материјали од турските и домашните архиви, истакна дека ова дело претставува значаен придонес за разбирањето на демографските и социјалните состојби во Тетовско-Гостиварскиот регион во првата половина на XIX век.
„Овој попис ги опфаќа машките христијански лица постари од 13 години, кои биле даночни обврзници кон османлиската власт. Тој е еден од првите модерни пописи, а преку него денешните жители можат да ги пронајдат своите предци и да ја почувствуваат врската со минатото“, нагласи авторот.
Доц. д-р Армен Жарноски посочи дека пописот е карактеристичен по тоа што населението не е поделено по националност, туку по верска припадност – муслимани, христијани и евреи. „Оваа поделба имала практична цел, бидејќи христијаните и евреите плаќале данок со кој биле ослободени од воена служба, додека муслиманите биле задолжени и со воен рок“, рече Жарноски.
Историчарот д-р Бранислав Светозаревиќ додаде дека книгата е драгоцен извор за истражување на миграциите, демографијата, топонимијата и старосната структура на населението. „Интересен е податокот дека од 500 жители само пет-шест биле постари од 60 години, што укажува на високата смртност и краткиот животен век во тој период“, истакна тој.
По промоцијата беше отворена изложбата „Документи и фотографии за Македонија од времето на османлискиот период“, реализирана како заеднички проект на Државниот архив и Генералната дирекција на државните архиви при Претседателството на Република Турција.
Со оваа публикација и изложба, Архивската недела 2026 доби силен научен и културен белег, потврдувајќи ја улогата на архивите како мост меѓу минатото и иднината, како и нивната значајна функција во зачувувањето на правдата и колективната меморија.






