tur15

"Turkish documents on the history of Macedonia - Censuses from the XIX century" book VIII

Државниот архив на Република Македонија при крајот 2015 година ја објави книгата „Турски документи за историјата на Македонија – Пописи од XIX“, книга VIII како заедничко издание со Општина Прилеп.

Академик д-р Драги Ѓоргиев, кој го преведе прилепскиот дефтер, се осврна на него во кусиот вовед.

„Градот Прилеп бил освоен од страна на Османлиите за време на воената кампања на Османлиите, која во западниот дел на Македонија почнала во 1385 година. Негов освојувач бил Тимурташ-паша, еден од најпознатите османлиски војсководци од XIV век. Според пишувањата на османлиските хроничари од подоцнежниот период, но и според локалните легенди и кажувања, градот преминал во османлиски раце по мирен пат. И неговиот дотогашен владетел, крал Марко, веднаш по паѓањето на градот стапил во вазален однос со османлискиот султан. И тој однос траел сè до неговата смрт во 1395 година, во битката кај Ровине, како сојузник на османлискиот султан.

Веднаш по освојувањето, градот влегол во рамките на редовното уредување на османлиската држава како центар на посебна нахија наречена Прилепска нахија. Таа во почетокот влегувала во составот на огромната административно-територијална единица наречена Паша санџак, чие седиште се наоѓало во Едрене. Во XVI век од овој санџак биле издвоени два помали санџаци, Скопскиот и Солунскиот санџак. Прилепската нахија, заедно со Скопската, Тетовската и Кичевската нахија, станала дел од Скопскиот санџак и таа своја административна позиција ја задржала сè до XIX век.

Мирното предавање на Прилеп имало големо значење за градот затоа што тој не претрпел некои поголеми материјални и човечки загуби. Тоа може да се потврди и со податоците за бројот на жители во градот што ги нудат подоцнежните османлиски пописи. Според тие податоци може да се заклучи дека Прилеп останал еден од ретките македонски градови во кој во наредните векови христијанското население ја зачувало доминацијата над муслиманското население, без оглед на демографските промени што се случувале во другите македонски градови.

Промената на политичката власт довела до промени и во физичкиот изглед на градот. Прилеп постепено почнал да ја менува својата урбана структура и да заличува на другите балкански градови под османлиска доминација. Градските жители биле населени во посебни маала, кои биле поделени на христијански и муслимански, а во нив се појавиленови сакрални и профани објекти, специфични за исламската култура на живеење. Тие објекти му дале на градот посебен изглед, карактеристичен за градовите во кои доминирала балканско-ориенталната архитектура.

Во поглед на административното уредување, Прилеп сè до XIX в. останал дел од Скопскиот санџак. Но, со проектот за административна, земјишна и даночна реформа во Османлиската Империја, кој стапил во сила од 1834 година, Прилеп бил префрлен во ејалетот Румели, односно Битолскиот ејалет, и останал поврзан за таа административна единица и кога овој ејалет прераснал во вилает во 1873 година. Својата административно-територијална позиција на посебна каза во состав на овој вилает,Прилеп ја задржал до крајот на османлиската доминација.

Пописот на населението во градот Прилеп, кој е презентиран во оваа книга, е направен во периодот кога Прилеп веќе бил административно префрлен во ејалетот Румели. Имено, тој е направен во 1844/45 година (1262 година по Хиџра), кога вакви пописи биле правени на територијата на целата Османлиска Империја. Целта на тие пописи била да се добие претстава за бројот на населението во целата држава кое било способно да работи и да плаќа даноци на државата, како и да ги регистрира нивните годишни приходи од професијата и од недвижниот имот. Со таа цел бил направен ипописот во Прилеп.

Според податоците од пописот, во Прилеп во 1844/45 година имал 19 маала, од кои 10 биле христијански, а девет муслимански. Куќите во маалата биле обележувани со редни броеви, при што биле запишувани името на главата на семејството како и имињата на оние машки членови на семејството кои се занимавале со некој занает, остварувале приход и плаќале данок. Тоа овозможува да се добие релативно точна претстава за вкупниот број куќи во градот, а со тоа и за вкупниот број градски жители, како и за нивната верска припадност. Интересно е тоа што сите христијански маала во Прилеп се регистрирани со имиња на попови, а населбата Варош е регистрирана како „село Кале Варош“. Меѓутоа, иако е регистриран како село и се наоѓа на крајот од пописот на христијанското население, сепак Варош е попишан како дел од градот Прилеп и во него живеат најбогатите христијани.

Освен демографски податоци, овој попис дава извонредни информации и за професионалната и социјалната структура на градското население. Имено, како што спомнавме, покрај личното име на секое регистрирано лица запишани се неговата професија односно занает, приходот што го добивал од него како и данокот што го плаќал за оставрениот приход. Доколку лицето во моментот на пописот не се наоѓало во градот, тогаш било регистрирано местото каде што се наоѓа.

Трет важен елемент на овој попис, покрај демографските податоци и податоците за професијата, е регистрирањето на целокупниот недвижен имот што го поседувало едно лице: дуќани, куќи, анови, фурни, ниви, ливади, лозје, воденици и сл., од кои добивало приход и за кои плаќало данок. Покрај тоа, запишуван е и имотот што лицата го поседувале надвор од градот, посебно чифлиците што муслиманските градски жители ги поседувале во соседните прилепски села. Исто така, покрај сите горенаведени елементи, посебно бил регистриран и бројот на главите на крупниот и ситниот добиток, што го поседувал едно семејство, како што се: коњи, магариња, волови, крави, биволи, овци и кози.

На самиот крај од пописот попишано е и ромското население, кое во тој период живеело во Прилеп. И оваа заедница при регистрацијата е поделена по верска основа, односно на христијани и муслимани, кои, меѓутоа, не живееле во посебно ромско маало, туку сите биле населени во муслиманското маало Ак Месџид.

Посебна карактеристика на овој попис е тоа што еден дел од христијанските жители на Прилеп се регистрирани како кираџии во куќите на постарите жители на Прилеп. Во овој интересен феномен може да се препознае процесот на христијанизација на македонските градови во првата половина на XIX век, кога османлиското општество постепено почнало да се отвора и ослободува, а жителите на околните села почнале да се населуваат во градовите, претворајќи ги во центри на идната духовна, просветна и политичка борба меѓу различните заедници. Посебно интересно е тоа што еден дел од новите христијански жители на Прилеп биле кираџии кај муслиманските градски семејства, што покажува дека разликата и подвоеноста меѓу овие две заедници веќе не била толку голема како во класичниот османлиски период и дека постепено се напуштале старите верски предрасуди. Ваков феномен е присутен и во пописот на градот Штип од истиот период, а во пописите на Битола и Скопје тој не е присутен.

Овој попис од османлиска провениенција од средината на XIX век, претставува извонреден извор за историјата на Прилеп. Неговата важност се состои во тоа што тој претставува една целина составена со одредена цел, која содржи неколку важни елементи преку кои може да се добие целоснапретстава за демографската, верската, професионалната и социјалната состојба на оваа македонска населба во соодветниот период. Исто така, покрај сите недостатоци на овој попис во однос на современите методологии на пописи на населението, овој извор со податоците што ги нуди претставува еден модерен за своето време попис на населението, кој по својот квалитет е неспоредлив со ниту еден друг извор од соодветниот период. Покрај горенаведените аспекти, важен квалитет на овој попис е и можноста што тој ја дава на денешните жители на Прилеп да можат преку личните имиња и патронимите што се регистрирани во него да ги откријат своите предци, кои живееле во градот пред речиси два века.

На крајот, овој извор не е важен само за Прилеп туку и за една поширока територија, затоа што во него можат да се препознаат процеси што се одвивале и во други области на Балканот, кои во тоа време сè уште биле под османлиска доминација. Тоа само ја потврдува важноста на османлиските извори, кои многу често ги надминуваат тесните географски граници на кои се однесуваат.“

Latest posts