OpiumskoBiroLogo

Turkish-Yugoslav Central Opium Bureau (1931-1941)

Државниот архив на Република Македонија кон крајот на 2017 година го објави зборникот Турско-југословенско централно опиумско биро (1931-1941).

Во Зборникот се објавени 119 документи, кои датираат од март 1931 до јули 1941 година. Презентираните документи се однесуваат на активностите преземани за постигнување на Турско-југословенскиот договор за извоз на опиум, за работата на Централното продажно биро со седиште во Истанбул и конечно за резултатите што Бирото ги постигнало за време на своето постоење.

Квалитетот на македонскиот опиум бил познат на светскиот пазар уште во периодот кога Македонија се наоѓала во границите на Османлиската Империја. Главните предуслови овој производ да се вреднува толку високо на пазарот на наркотици што се користеле во фармацевтската индустрија биле поволните геолошки предиспозиции на земјиштето и специфичните климатски услови карактеристични за одредени делови на Македонија. Продорот на модифицираната медитеранска клима од Егејското Море по долините на реките Вардар и Струма, која во комбинација со растреситата земја што содржела ситен песок и малку вар, нудела идеални услови за одгледување афион.

Уште од 80-тите години на 19. век имало податоци дека афионот од кој се добивал опиум со најголем процент на морфиум односно со најдобар квалитет, се одгледувал во Тиквеш и во Раец. Другите области во кои се произведувал висококвалитетен афион, освен околината на Кавадарци, биле Струмица и Велес. Со помал процент на морфиум бил добиениот опиум во околината на Прилеп, Штип, Скопје, Куманово и Кочани.

Првите информации за количеството на опиум што се добивало во Македонија биле ретки и недоволни. Статистичките податоци на Османлиската Империја укажуваат дека во 1880 година биле произведени 70 тони, а во наредната година производството достигнало 79 тони суров опиум. Во периодот од 1901 до 1911 година годишното производство во Македонија изнесувало од 30-80 тони, што во просек значело 97 тони опиум. За време на Балканските и Првата светска војна (1912-1919) производството во просек изнесувало 60 тони годишно.

Најголемиот дел од родот се извезувал преку пристаништето во Солун. Во 1893 година биле изнесени 19 тони опиум, а во наредните години извозот постојано се зголемувал. Непосредно пред почетокот на Балканските војни речиси четвртина од извозот од Македонија, кој се одвивал преку Солун (26, отсто), го сочинувал суровиот опиум. Главните увозници биле Мала Азија (Турција), Германија, Велика Британија и САД.

Првите мерки за ограничување на производството на опиум и за воведување контрола на прометот на опиумските деривати почнале да се преземаат на почетокот на 20. век. Прв меѓународен договор за контрола на наркотици бил Меѓународната опиумска конвенција, потпишана во Хаг на 23 јануари 1912 година. Имплементацијата на оваа прва меѓународна опиумска конвенција станала масовна дури по завршувањето на Првата светска војна, откако била вклучена како составен дел на Версајскиот мировен договор (1919 година). Наредната меѓународна спогодба поврзана со истото прашање била Женевската опиумска конвенција, која Кралството ја потпишало на 19 февруари 1925 година, а ја ратификувало на 4 септември 1929 година. Со оваа конвенција се настојувало да се воведе построг надзор и да се подобри меѓународната контрола на производството и трговијата на наркотици по пат на усвојување на систем на извозни и увозни дозволи за опиум.

Во меѓувоениот период Кралството на СХС, подоцна Кралството Југо¬сла¬вија се наоѓало на петто место во светот според големината на производство на опиум. Поради тоа што културата на афион во Кралството се одгледувала единствено во вардарскиот дел на Македонија, овој дел од Македонија според производството на опиум во светски рамки се наоѓал зад Персија, Индија, Русија и Турција.

Кралството Југославија и Република Турција во периодот меѓу двете светски војни имале голем број сличности во однос на опиумското производство. Двете држави биле големи и значајни производители на опиум и припаѓале на Азиската опиумска зона односно биле дел на најголемиот светски производен центар на опиум, кој се протегал од Балканот до Манџурија. Во периодот од 1928 до 1930 година опиумот од овие две држави подмирувал над 80 отсто од светските потреби на опиум за фабрикување опијати.

Заедно со Кралството Југославија и Република Турција имала забелешки за некои одредби на меѓународните опиумски конвенции односно не била задоволна од начинот на кој овие договори се обидувале да го решат прашањето за опиумот во светот.

Речиси сите документи се од југословенска провениенција, напишани на српски јазик. Исклучок се само два документа (бр. 116 и 117), кои се писма напишани на англиски јазик. Во најголемиот број случаи станува збор за извештаи, преписи од извештаи или нивни копии. Исто така има шифрирани телеграми, известувања, барања, молби, инструкции итн. Документите најчесто биле испраќани помеѓу Министерството за надворешни работи на Кралството Југославија, Политичко и Конзуларно-стопанско одделение и Кралското претставништво во Анкара – Кралското претставништво во Цариград. Одреден дел од приложените документи се од Постојаната кралска делега¬ција во Женева, кои биле испраќани до Министерството за надворешни работи и до Министерството за индустрија и трговија и обратно. По формирањето на Турско-југословенското централно опиумско биро се зголемил бројот на извештаи што биле пишувани од делегатот на Кралската влада во Бирото, д-р Драгослав Михајловиќ. Сите овие извештаи во кои детално се информирало за текот на работата на Централното опиумско биро делегатот ги препраќал до повеќе министерства во Белград и до Кралското претставништво во Анкара, до Привилегираното акционерско друштво за извоз на земјоделски производи, Белград, до Министерството за трговија и индустрија, Канцеларија за опиум, до Министерството за надворешни работи, Политичко одделение.

Latest posts