PancoMihajlovCavdar

"Pancho Mihajlov - Chavdar" from the edition "Macedonian Actors"

Државниот архив на Република Македонија кон крајот на 2017 година ја објави монографијата „Панчо Михајлов – Чавдар“ од едицијата „Македонски дејци“.

Со објавувањето на оваа монографија ќе се расветлаат многу непознати настани од историјатот на ВМРО во временскиот период од 1919 до 1925 година што соодветствува со револуционерната дејност на Панчо Михајлов – Чавдар.

Монографијата посветена на Панчо Михајлов – Чавдар во најголем дел се заснова на необјавен архивски материјал од Република Македонија, Република Бугарија и Република Србија. Во книгата се вклучени голем број документи, кои поради нивното необјавување досега ги прикажуваме во речиси целосна форма. Страниците на книгата, хронолошко-тематски го објаснуваат животниот пат и револуционерната дејност на Панчо Михајлов – Чавдар при што во целост е запазена научната методологија и употребата на голем број фусноти. При пишувањето на книгата се направени научни истражувања и употребени се и приватни збирки на фотографии, пред сè и од семејства во Република Македонија, но необјавената архивска граѓа потекнува од Државниот архив на Република Македонија (ДАРМ), Централниот државен архив (ЦДА) во Софија, Република Бугарија, Народната библиотека „Св. Кирил и Методиј“ и Бугарскиот историски архив (БИА) во рамките на истата како и поранешниот Архив на Југославија (АЈ) во Белград, Република Србија.

Историјатот на македонското револуционерно движење е исполнет со многу личности, настани и организации. Различните македонски организации имале една единствена цел – создавање автономна или независна македонска држава во нејзините етнички, географски, природни и економски граници. Во колективното паметење на македонскиот народ најзначајно, дури митолошко значење има Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО), која во суштина и најдолго опстојувала и во речиси четиридецениското постоење воопшто не го сменила главното начело – создавањето на македонска држава. Македонската историска наука за време на заедничката југословенска федерација својот научен интерес го насочувала кон проучувањето на историјатот на ВМРО од 1893 до 1905 година. Поголем дел од македонските историчари во овој временски период сметаа дека по 1905 година не постои организација со името ВМРО, при што во своите книги и статии тврдеа дека од 1905 година до 1934 година името на „старата“ Организација било узурпирано, дека „самопрогласената“ ВМРО била врховистичка, пробугарска, терористичка и уште каква не антимакедонска организација, со цел арсенал на негативни квалификации.

Ваквите тврдења го прогласија периодот од 1905 до 1934 година во „забранета зона“ за истражувања, а со самото тоа и цели генерации ученици и студенти беа воспитувани дека историјатот на ВМРО завршува во 1905 година со што следните 29 години во кои се споменуваше името на Организацијата, го претворија во „tera incognita“ (непозната земја). Ако се појавеше некој похрабар и „љубопитен“ историчар кој и малку имаше за цел да влезе на „територијата на непознатото“, државниот апарат задолжен за науката во еднопартискиот систем, го опоменуваше и таквата „опомена“ влеваше доволно страв, за историчарите во бројни случаи по неколкупати да вршат автоцензури на своите научни трудови, кои како резултат на тоа, во дел од случаите, се претворале во обични публикации, без архивска граѓа или само таква од идеолошка комунистичка провиниенција која била во духот на промовираната идеја за заедничкиот живот во повеќенационална Југославија. Секако треба да им се оддаде почит на дел од македонските историчари, кои сепак се одважиле да пишуваат за историјатот на ВМРО, но до 1905 година. Нивните научни трудови и денес имаат голема научна вредност. Нивниот однос покажува и докажува дека ниту една тоталитарна идеологија не може да го спречи објективното пишување на историјата.

По осамостојувањето на Република Македонија, македонската историска наука доби поволна можност да ги започне проучувањата на овој „празен“ период од македонската историја. Секојдневно се збогатуваше галеријата на ликови од македонското револуционерно движење и посебно ВМРО кои се појавуваа во монографии пред македонската читателска публика, која во тој наплив на историска литература често знаеше да изјави дека „ние не си ја познаваме нашата историја“.

Latest posts