ДРЖАВНИОТ АРХИВ СЕ ПРЕТСТАВИ НА 34. КОНВЕНЦИЈА НА ИКАРУС ВО БУДИМПЕШТА
Неодамна во Будимпешта, Унгарија, се одржа 34. Конвенција на ИКАРУС – Меѓународниот центар за архивски истражувања, во чии рамки имаше завршна активност на проектот „Creative Europe ATOM (Archives and Traces of Migration)“ во кој беа вклучени архивисти, културни работници, научници кои се занимаваат со темата миграции во минатото и денешницата. Проектот имаше за цел да изнајде нови пристапи во документирање и зачувување на сеќавањата на луѓето кои ги напуштиле родните краишта од различни причини.
На конвенцијата свое излагање имаше м-р Никица Тасевска од Државниот архив, која настапи со трудот насловен како „Емиграцијата од преспанскиот крај – Република Македонија“. Тасевска се осврна на фондовите на Државниот архив кои содржат податоци за брановите на иселување од југозападниот дел на Македонија, конкретно Преспа, но и за внатрешните миграции од селата кон градовите. Документите говорат за промените на демографската слика и промените во економскиот живот. На конвенцијата, која траеше три дена, излагање имаа професионалци од различни области од повеќе европски земји и САД.
Тенденција во европски рамки е што потесно поврзување на галериите, библиотеките и архивите во почнување заеднички проекти. Истражувањето на миграциите подразбира меѓуинституционален пристап на GLAM (galleries, libraries, archives, and museums) институциите со цел одржување на меморијата за миграциите, документирање и обезбедување пристап до материјалите поврзани со ова прашање. На архивистите им е потребна дополнителна едукација за сочувување на трагите за миграциите.
