Активности

Изложба „Млада Босна и сараевскиот атентат“

На 11 декември 2014 година во Музејот на Македонија беше отворена изложбата на архивски документи „Млада Босна и сараевскиот атентат“.

Изложбата ја подготви Архивот на Република Српска во Бања Лука, по повод 100-годишнината од Првата светска војна.

Презентирањето на оваа изложба во Република Македонија е резултат на соработката меѓу Државниот архив на Република Македонија и Архивот на Република Српска.

Изложбата беше отворена од страна на Н.Е. Здравко Бeговиќ, амбасадор на Босна и Херцеговина во Република Македонија.

На отворањето на присутните им се обратија и д-р Зоран Тодоровски, директор на Државниот архив на Република Македонија, г-дин Душан Поповиќ, директор на Архивот на Република Српска, д-р Мирјана Нинчовска, директор на Музејот на Македонија, како и м-р Бојан Стојниќ, помошник-директор во Архивот на Република Српска, којшто е и автор на изложбата „Млада Босна и сараевскиот атентат“.

На отворањето на изложбата беа присутни претставници на дипломатскиот кор во Република Македонија и бројни научни и културни работници.

Изложбата „Млада Босна и сараевскиот атентат“ е составена од 38 паноа, на кои се претставени 249 експонати и е поделена на пет хронолошко-тематски целини: Млада Босна; Подготвувачи и извршители на сараевскиот атентат; Сараевскиот атентат; Јулската криза во 1914 година; и Страдањето на Србите во Босна и Херцеговина.