ОРГАНИЗАЦИСКА И ФУНКЦИОНАЛНА ПОСТАВЕНОСТ НА ДРЖАВНИОТ АРХИВ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

Државниот архив на Република Северна Македонија сопствената организациско-функционална поставеност ја црпи според природата на работите и функциите што се стандардни и карактеристични за еден современ архив. Такви се следните функции:

  • управување и раководење со Архивот;
  • вршење инспекциски надзор и давање стручна помош во заштитата на архивскиот материјал што настанува кај имателите;
  • заштита на архивскиот материјал во Архивот;
  • средување и обработка на архивските фондови и материјал во Архивот;
  • организирање служба за информации, достапност и користење на архивскиот материјал во специјализирана читална;
  • истражување на архивски материјал во земјата и странство;
  • публикување на архивски материјал и научно-информативни средства;
  • презентација и популаризација на архивскиот материјал;
  • изградување единствен информациски систем на ДАРМ;
  • организирање општа служба за правни, кадровски, финансиски, канцелариско-архивски и безбедносни работи.

Оттаму и организациската поставеност на Државниот архив на Република Северна Македонија произлегува од групирањето на гореспоменатите функции и дејности според својата функционална сродност и поврзаност.

Превземи: Органограм за внатрешна организација на ДАРСМ

УПРАВУВАЊЕ И РАКОВОДЕЊЕ СО ДРЖАВНИОТ АРХИВ

Државниот архив на Република Северна Македонија има статус на управна организација во рамките на државната управа на Република Северна Македонија. По вертикална линија Државниот архив е непосредно поврзан со Владата на Република Северна Македонија и на неа и е одговорен. Со Државниот архив раководи државен функционер – директор.

Директорот на ДАРСМ располага со големи овластувања во поглед на претставувањето и целокупно функционирање на ДАРСМ. Тој е одговорен за работењето на ДАРСМ. Директорот има свој заменик.

За одделни организациски и стручни прашања, на директорот му помага советодавно тело – Стручен колегиум. Во работата на Стручниот колегиум учествуваат раководителите на основните и внатрешните организациони единици.

Со основните организациони единици раководат раководители на сектори. Со внатрешните организациони единици раководат раководители на одделенија. Со подрачните одделенија на ДАРСМ раководат раководители на одделенија.

За разгледување прашања од стручно-научен карактер, во Архивот постои Стручно-научен совет, во кој учествуваат и стручни и научни работници кои не се во работен однос со Архивот.

Одделенијата на ДАРСМ, со седишта во следните градови: Битола, Скопје, Прилеп, Куманово, Велес, Струмица, Охрид, Штип и Тетово, немаат својство на правно лице и претставуваат дислоцирани организациони единици на Државниот архив кои што извршуваат архивски функции на одредено територијално подрачје од неколку општини.